Филипче: Напаѓачот на „Инфомакс“ е член на ВМРО-ДПМНЕ
„Српското сценариот во Македонија започна синоќа“, рече Филипче, најостро осудувајќи го нападот на редакцијата на „Инфомакс“
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, одржа вонредна прес конференција на која го осуди нападот врз редакцијата „Инфомакс“, нарекувајќи го најголем напад на медиум по тој на А1 телевизија. Според него, владата на ВМРО-ДПМНЕ почнала да го спроведува српското сценарио па ги повика сите останати политички партии, невладини организации, студенти и други фактори да им се приклучат за заеднички да утврдат следни чекори како да се одбрани Македонија која, како што рече ВМРО-ДПМНЕ, ја предаде.
„Ситуацијата е алармантна, ВМРО-ДПМНЕ ја предаде Македонија. Со денови зборуваме дека моделот е преземен од Србија“, рече Филипче, давајќи историјат на тамошните случувања што доведоа до протестите
по падот на настрешницата на железничката станица во Нови Сад која однесе бројни невини животи, како и кај нас Кочани како резултат на корупција. Притоа спомена налог за претепување на мирни демонстранти, напади врз новинари, газење на демонстранти со возила , апсења и притисоци, по ѓто Србија се крена на нозе.
Тој оцени дека ова сценарио го гледавме кај нас пред десет години за време на Груевски, кој и денес ја крои исто така судбината на Македонија од Будимпешта. Напаѓачот, според неговите информации, е член на ВМРО-ДПМНЕ.
„Слободата на граѓаните и на медиумите е загрозена. Нема да чекаме да испраќаат тепачи по домовите. Српското сценарио во Македонија започна синоќа“, рече Филипче.
Тој дополни дека премиерот договорил мигранти за Македонија и наспроти барањата сите изминати денови да каже дали ќе им се даде престој, дали ќе им се даде работа, пасош, дали ќе бидат сместени во шатори или ќе се градат социјални станови – нема јасен одговор.
„Одговорот за нас е јасен, во јуни ќе дојдат мигранти во Македонија. По вчерашното одбивање на владата да одговори на прашањата на ‘Тајмс’ се потврди тоа што СДСМ го изнесува во јавноста“, рече лидерот на СДСМ, додавајќи дека место тоа фокусот се префрла на лажни обвинувања. Фактот дека премиерот Христијан Мицкоски не сака да ја потпише предложената резолуција од СДСМ која ќе гарантира на граѓаните дека мигранти нема да дојдат, според него покажува каква му е намерата.
И денес Филипче тврдеше дека власта планира избори напролет и дека по моделот на Вучиќ премиерот сака да го протне проектот мигранти за пари, да им замачка очи на граѓаните и да добие четири години за да ги избрише трагите од најголемата измама во историјата на Македонија.
„Синоќешниот напад е почеток на заплашувањето. ВМРО-ДПМНЕ не смее да дозволи пред избори дека ја предаде Македонија“, оцени Филипче, па ги повика сите медиумски организации да застанат во одбрана на слободата, за да нема мрак како што гледаме во Србија.
Тој најостро го осуди нападот врз „Инфомакс“ и ги повика надлежните да се ослободат од стегите на ВМРО-ДПМНЕ и да си ја вршат работата. Потоа ги повика сите политички партии, невладини организации и студенти да му се приклучат на СДСМ и да ги договорат заедно следните чекори за да ја спасат Македонија од пропаста.
„Тоа може да го загрози и онака разришаниот систем во која нема да има пари ни за плати ни за пензии“, оцени Филипче, додавајќи дека Србија се соочува со целосен колапс и ние не смееме да го чекаме тоа сценарио со вкрстени раце.
„Сите да застанеме во служба на нашата татковина бидејки друга немаме. Нема да дозволиме Македонија да стане црна точка во Европа. Немаме време зошто веќе е предоцна“, порача лидерот на СДСМ. (Н.В.)