Филипче: Над 65 отсто од граѓаните не се задоволни од владата


 

СДСМ е подготвен за предвремени избори, рече денеска лидерот на партијата, Венко Филипче, на прес-конференцијата во Собранието. Филипче беше прашан за понудата на премиерот за предвремени парламентарни избори заедно со локалните.

„Тоа што има најава за предвремени избори само три месеци по формирањето значи дека на Владата навистина не ѝ оди. Теренска анкета покажува дека над 65 % од граѓаните не се задоволни од работата на Владата. Граѓаните не се задоволни и од животниот стандард. Што се однесува на СДСМ, ние сме подготвени да одиме на какви било избори, од денеска па натаму. На секој следен циклус на избори ние ќе настапиме многу поорганизирано и многу поуспешно“, додаде Венко Филипче.

Филипче посочи дека интензивно работат на стекнување доверба на нивните членови и симпатизери, и напомена дека постои значајно подобрување на атмосферата во општинските партиски организации.

„Тоа што јас и сите мои партиски другари го работиме интензивно во изминатите месеци е стекнување на довербата на нашите членови и нашите симпатизери. Можам да кажам дека имаме фидбек, постои значајно подобрување на атмосферата внатре во општинските партиски организации, вратен е ентузијазмот, ни пристапуваат многу наши членови, но и оние кои што не гласале, останале дома или пак гласале за друг политички субјект. Иако тој процес не е лесен и потребно е време, сметам дека патот на консолидација дефинитивно е почнат“, рече Филипче.

Тој најави дека конгресот на СДСМ е закажан на 20 ноември, каде ќе се избере новиот централен одбор, од кој ќе произлезе новиот извршен одбор и идното партиско раководство.

Во однос на претседателката на ЛДП и пратеничка Моника Зајкова, Филипче одговори дека таа присуствува на координациите на пратеничката група, а денеска е отсутна затоа што е на службено патување во САД.

Прашан за неговото патување во Дубаи, Филипче рече дека не сака да коментира работи од неговиот приватен живот. Повеќе македонски портали  објавија вест дека тој заедно со екс-лидерот на СДСМ, Зоран Заев, неодамна присуствувал на забава во Дубаи, во Обединетите Арапски Емирати, каде што со другите гости уживале во песните на српскиот фолк пејач Харис Џиновиќ. Повикувајќи се на написи во српските медиуми, домашните портали пишуваат дека забавата се одржала на 26 октомври во хотелот „Хилтон“ во Дубаи.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојановски го коментираше ставот на Филипче за изборите и го повика со 18-те пратеници што ги имаат да поднесат барање за распуштање на парламентот, иако темата ја отвори Христијан Мицкоски а не СДСМ. и

„Односите во владејачката коалиција се многу квалитетни и тоа може да се види и по политиките кои се продуцираат во реалноста. Ако е навистина така и ако господинот Филипче е сигурен во тоа што го зборува, има пратеничката група, 18 пратеници и нека поднесат барање за распуштање на парламентот, па тоа што го тврди да го провериме на избори“, рече Стојановски.

Претходно Филипче порача дека ВМРО-ДПМНЕ „кокетира“ со ДУИ со најавите за предвремени избори, бидејќи, според него, се преполовува поддршката за актуелните владини партнери „Вреди“ и ЗНАМ и нивната, како што вели, маргинализирана улога во Владата.