Филипче му даде „голема нула“ на Мицкоски за владеењето, тој пак му се закани со апсења
Опсесијата на Мицкоски со поранешни функционери, за кои плаќа за да ги сликаат голи, е за во сферата на невроспихологија, рече Филипче за манирот секоја година да се објавуваат фотографии од летувањето на Зоран Заев кој очигледно е мета на незаконско следење
Жесток вербален дуел меѓу лидерот на СДСМ, Венко Филипче и премиерот Христијан Мицкоски се случи денес на седницата за пратенички прашања во Собранието. Филипче го обвини Мицкоски дека резултато од неговото двегодишно владеење е „голема нула“ и дека сѐ што ветил не остварил, на што Мицкоски возврати со „јахтата во Паљури“ и се закани дека нема повеќе поранешни функционери да уживаат додека граѓаните чекаат да ги апси.
„Ќе излезете ли и ќе кажете пред граѓаните, отворено и искрено, дека потфрливте и дека ништо од ветувањатa не исполнивте? Вашиот резултат после две години е една голема нула, нула за реформи, за зголемување на платите, за мерки за младите, за поддршка на земјоделците, нула за европскиот пат. И сега моето прашање е просто, едноставно – кој е виновен за овие неисполнети ветувања? Кој е виновен, премиере, за овие две изгубени години? Пола мандат помина. Ќе излезете ли и ќе кажете пред граѓаните, отворено и искрено, дека потфрливте и дека ништо од овие ветувања не исполнивте“, рече Филипче.
Тој потсети на ветувањата на Мицкоски и ВМРО за благосостојба која не ја испорача.
„И во вашата програма 1198, и во вашето експозе, тука кога ја формиравте владата, едноставно ветувавте мед и млеко. И сега помина половина од мандатот. Две години. А, денес вистината е сурова. Ниту едно од овие ветувања не испорачавте. Граѓаните не добија подобар живот, не добија повисок стандард, не добија функционални институции, не добија правда и не добија европска иднина“, истакна Филипче.
Единственото што граѓаните го добиле е поскап живот и разочарување, додаде тој.
„Што добија? Поскап живот, празни паричници, празни фрижидери, презадолжена држава, партизирани институции, тендери, лаги и изолација. Ни 10 отсто од ветеното во програмата нема исполнето. Само лаги, изолација и партиски тендери. Ветивте поголем животен стандард. Животниот стандард е намален. Сиромаштијата е зголемена. Ветивте поголеми плати… И ова не го исполнивте. Нема 600 евра минимална плата. Не само што нема, не сакате да слушнете, да дискутирате за тоа“, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Тој ја коментираше и, како што рече, опсесијата на Мицкоски со поранешни функционери за кои плаќа за да ги сликаат голи што ја смести во сферата на „невропсихологија“.
На тоа Мицкоски возврати дека причината поради која дел од граѓаните размислуваат да ја напуштат државата не е недостатокот на перспектива, туку чувството дека правдата не е еднаква за сите.
„Велите секој трет човек планира да ја напушти Македонија, но знаете ли зошто? Затоа што ве гледаат вас во Дубаи како уживате на Харис Џиновиќ, а не сте во затвор. Затоа што гледаат таму како уживаат поранешни функционери на јахти, а не се во затвор и да дадат одговор зошто се таму. Е, затоа се разочарани луѓето. Кога ќе ве видат зад решетки, тогаш ќе бидат среќни и задоволни затоа што правдата дошла“, изјави Мицкоски.
Премиерот додаде дека ја прифаќа одговорноста што, како што рече, поранешни функционери сè уште не се соочиле со правдата.
„Јас признавам дека сум виновен, тоа што поминаа две години, а вие уште уживате на јахтите во Паљури, наместо на друго место. Признавам дека сум виновен. Но, исто така ве гледам во очи и ви ветувам дека нема повеќе да ги разочаруваме македонските граѓани како поранешни функционери уживаат на јахти и во мелосот на Харис Џиновиќ. Ете тоа е желбата на народот“, рече Мицкоски.