Филипче: Мицкоски тргна по стапките на Груевски и сака да ги контролира изборите
Претседателот на СДСМ најави дека ќе го блокираат Изборниот законик. За нив најспорни се измените за електронско гласање на дијаспората
Предлогот на Изборниот законик е на пат да пропадне затоа што две опозициски партии, СДСМ и Левица, најавија дека ќе го блокираат со механизмите што им се на располагање.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конферениција, рече дека СДСМ ќе го блокира предложениот Изборен законик, оценувајќи дека тој содржи сериозни решенија кои не се ниту европски ниту демократски и дека отвораат простор за злоупотреба на изборниот процес. Според него, премиерот Христијан Мицкоски тргнал по стапките на Никола Груевски и се обидува да донесе изборна регулатива која ќе го кмпомитира изборниот процес.
„Ваков закон ова Собрание не смее да донесе. Ќе го блокираме затоа што граѓаните заслужуваат да имаат фер, демократски изборен процес, а не вака контролиран како што Христијан Мицкоски тргнал да воспоставува по примерот на неговиот ментор, очигледно идол, Никола Груевски. Ние овој закон во Собранието ќе го блокираме“, рече Филипче.
Филипче потсети дека СДСМ се повлече од работната група за изработка на Изборниот законик затоа што без консензус со опозицијата беше укината пржинската влада. И покрај повлекувањето на СДСМ работната група продолжи со изработката на Изборниот законик, кој е дел од Реформската агенда. Претходно денеска и Левица објави дека ќе го блокира усвојувањето на Изборниот законик, затоа што има одредби кои се полоши од досегашните, кои се широко критикувани. Со остра реакција се јавија и девет независни граѓански иницијативи.
Според информациите што се проширија денеска предлогот за измените на Изборниот законик нема да стигне од Министерството за правда, туку како документ од пратеници. И тоа најверојатно на претставници од ДУИ и трите партнери во власта (ВМРО-ДПМНЕ, Влен и ЗНАМ).
Филипче вели дека една од најспорните одредби е воведувањето електронско гласање за дијаспората, без јасно уредени механизми за проверка на идентитетот и без законски гаранции за безбедноста на процесот.
„Се предлага електронско гласање на дијаспората. Тоа значи без никаква проверка на луѓе коишто не знаеме, каде се тие наши иселеници, кој ќе им го провери идентитетот. Едноставно, пред компјутер ќе може да гласаат и тоа ќе има еднаква вредност како гласањето во татковината. Тоа отвара ризик за масовно и неконтролирано гласање, исто како што беше тоа за време на владите на Никола Груевски. Тоа е еден систем којшто е многу опасен, којшто отвара врата за изборна манипулација и кражба од страна на оваа власт“, рече Филипче.
Дополнително како што кажа Филипче со предложеното решение се уназадува почитувањето на тајноста на гласањето.
„За разлика од досега кога се смета за важечко ливче само доколку е заокружено бројчето пред името на кандидатот односно партијата, сега се дозволува и поинакво означување. Да ве потсетам на разговорите во коишто еден поранешен функционер во владите на Никола Груевски го слушнавме како кажува ‘добро, тие гласачи нека заокружат со триаголник’ – повторно контрола на изборниот процес, повторно воведување на режимот во овој контекст во делот на гласањето“, рече Филипче.
Тој укажа и на проблемот како би се разгледувале приговорите за изборниот процес. Филипче рече дека приговорите би се разгледувале само доколку се внесени во записниците. Тоа значи дека се ограничува можноста Државната изборна комисија целосно да ги разгледува евентуалните неправилности.
„Според предлогот на новиот закон влезат во записниците. Значи, се намалува можноста на Државната изборна комисија да го разгледува целокупниот изборен материјал“, рече Филипче, наведувајќи дека ваквите предлози не се дел од демократски реформи, туку обид на власта однапред да си обезбеди инструменти за влијание врз изборниот процес.
„На вакво нешто предупредувавме целиот изминат период, а тоа е дека оваа власт е автократска и веќе воспостави режим“, потенцираше Филипче.