Филипче до Мицкоски: ‘Рбетот го свиткавте, плукнавте на сите ветувања!

Лидерот на СДСМ го повика премиерот да го врати мандатот затоа што иако ветувал, сепак го користи уставното име на државата


Венко Филипче на собраниската говорница (Фото: Б. Грданоски)

 

На првата седница наменета за пратенички прашања во новиот парламентарен состав, прв прашања кон премиерот Христијан Мицкоски постави лидерот на СДСМ, Венко Филипче. Во своето обраќање, Филипче се осврна на однесувањето на Мицкоски како премиер, наспроти неговите ставови кога беше опозиционер.

„Вашата Влада се движи во целосно спротивен правец од ветувањата што ги дававте пред изборите. Мицкоски на власт и Мицкоски во опозиција се двајца различни луѓе. Тие не се познаваат. Буквално го плукнавте секое ветување и секоја политика на која ја градевте кариерата и со која има се додворувавте на граѓаните.

Господине Мицкоски, целиот ваш политички успех се базираше на противењето на Преспанскиот договор – договор за кој тврдевте дека е национално предавство. Вие реално и немате друга политика по која би ве паметеле освен носењето на маичките со големо НЕ за Преспанскиот договор. Но, откако седнавте во премиерската фотелја, истиот договор стана ‘ремек-дело на дипломатијата’. Го барате како пример за други договори и од неуморен противник, станавте најгласен поддржувач. Оваа дволичност и врвно политичко лицемерие треба да се изучува во книгите за манипулација со граѓаните“, рече Филипче.

Премиерот Христијан Мицкоски (Фото: Б. Грданоски)

Тој наедно го повика премиерот да го врати мандатот затоа што иако ветувал, сепак го користи уставното име на државата.

„Велевте дека ќе го вратите мандатот ако некогаш кажете Северна. Па, ајде премиере, еве сега е шанса во Собранието да го вратите мандатот. Наместо тоа, вие и вашите министри на мала врата почнавте да го користите уставното име, а некои богами и со гордост го изговараат. Со ова покажавте дека вашата политика нема никаков ’рбет, но тоа го знаевме. Она што е важно да го знаат граѓаните, е дека вие господине Мицкоски го признавте успехот на целата политика на СДСМ во однос на стратешките прашања и решавањето на споровите. Секако, ниту имате доблест, ниту честитост, тоа да го признаете“, посочи Филипче.

Уште повеќе тој оцени дека со потезите Мицкоски покажал дека всушност сака да биде СДСМ.

„Па вие господине Мицкоски, всушност сте сакале да бидете СДСМ. Штета што кочевте, блокиравте и напаѓавте сè што всушност било добро за граѓаните, но лошо за вашето делување во опозиција.Се надевам дека ќе имате доблест, ќе излезете пред граѓаните и ќе се извините за тоа што ги излажавте. Тоа е доблесно“, му порача Филипче на Мицкоски.

Како дел од проектите започнати од СДСМ што ВМРО-ДПМНЕ ги критикуваше додека беше во опозиција, Филипче ги наведе Преспанскиот договор, кој Мицкоски го нарекуваше историско предавство, а сега ремек-дело, понатаму договорот со „Бехтел и Енка“ кој од историски криминал станаа историски проект, како и пругата кон Бугарија за која Мицкоски тврдеше дека завршува во слеп тунел, а сега ќе го реализира и тој проект.

Филипче го праша на крајот премиерот Мицкоски кој е неговиот план да ја извади државата од ќор-сокакот во која самиот тој ја заглавил, додавајќи дека денес, благодарение на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ ЕУ е подалечна од кога било.

Мицкоски место одговори, возврати со напади и закани за „влегување со лисици“ кај преставници од претходната власт, вклучувајќи го и Филипче.

„Треба да сте сигурен дека овие седум години зад нас, ниту јас, ниту било кој од нас ќе ги заборави. Бидете сигурен дека нема да бидеме како вас, нема да влегуваме со специјалци во два часот наутро и да апсиме… Ќе влеземе и ќе им ставиме лисици на тие што седум години ја ограбуваа државата и ќе одговараат. Нема потреба од маски. Казната ќе биде жестока. Измените на Кривичниот законик нема да ви помогнат“, му порача Мицкоски на Филипче.

Тој уштре му препорача на Филипче да не мисли дека со вакво прашање ќе ги засрами или ќе добие некој поен. Премиерот притоа обелодени дека „дипломати во Брисел му порачале дека тие за нас се бореле повеќе од нашето (претходно) водство“.

„Сигурен сте дека се лаги и клевети ова што го кажав? И сигурен сте дека не се плашите? Во ред. Изгледа сте храбар човек. Добро знаете во себе дека сѐ што кажав е вистина, а таа ќе излезе, порано или подоцна“, додаде претседателот на Владата, инаку повикан да каже став околу сертификатите на Бојан Христовски. Место тоа, тој порача дека „ќе дојде денот да се зборува за многу работи“.

„Ако сакате да одиме на избори, да се провериме. Заедно со локалните (избори), може да одиме. Ако сакате, одма сега да ја договориме работата. Но, да не се удавите во длабокото, каде што ве носат“, кажа премиерот.