Филипче: Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ да им се извинат на граѓаните зa ширењето лажни вести за модуларните болници
ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски да им се извинат на семејствата на загинатите зашто пет години си играа со нивните чувства и емоции, да им се извинат и на граѓаните зашто пет години ширеа лажни вести и го загадуваа јавниот простор со невистини – рече денеска претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во врска со вчерашната одлука на Обвинителството да го затвори предметот за модуларните болници.
Филипче на прес-конференција истакна и дека СДСМ е секогаш подготвен за избори, но за предвремените парламентарни, за кои сè почесто се зборува, нема да ѝ биде, како што напомена, алиби на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој се осврна и на училишната кошничка квалификувајќи ја како ПР-трик.
– Страшно жалам за загубените животи, за луѓето што загинаа, сочувствувам со семејствата и тоа ќе биде така секогаш. Јасно кажа Обвинителството, нема злоупотреба на службената должност, нема штета на буџетот и тоа го осликува севкупно моето работење, и во политиката и како лекар, во однос на сите функции што сум ги имал – некорумпирано, секогаш во интерес на граѓаните, без никаква штета за никого. Но, Мицкоски и неговата организирана криминална група, на сите прес-конференции, години, пет години, зборуваат за мене дека сум убиец, ме споредуваат со доктор Менгеле, а јас спасувам животи и здравјето на граѓаните ми е на прво место. Не престанаа. Не престанаа ни вчера. По одлуката на Обвинителството го продолжија тоа и денес правеа исто така прес-конференција – истакна Филипче.
Лидерот на СДСМ потсети дека по пожарот во Тетово, поднесе оставка како морален и човечки чин.
Според него, изјавата на Мицкоски дека не е исклучена можноста понатаму овој предмет да биде повторно отворен е само закана.
– Тоа е неговиот начин на однесување и го разбирам зашто кога човек нема резултати во она што го прави, кога е целосно неспособен да ги менаџира проблемите во државата, сè што му останува е да се заканува, со судови, со обвинителства… Јас од ништо не се плашам. Еве, ова е вистината, тоа што вчера го кажа Обвинителството. Целокупната моја работа во кариерата била таква – одговорна, во интерес на граѓаните, без ни најмалку да се нанесе штета на буџетот на граѓаните – потенцира Филипче.
За училишната кошничка, истакна дека оние што ја најавуваат повторно ќе излажат.
– Кои се вистината и суштината? Мицкоски ниту има знаење, ниту капацитет, ниту желба да ја води државата како што треба. Човекот е заинтересиран само за себе и својата мала група луѓе околу него, ништо друго. И од ова што го спомнува, некаква кошничка, јас не очекувам ништо, зашто сметам дека е апсолутно само некој ПР-трик, нешто како најава, а на крајот нема да биде ништо – рече Филипче.
Тој најави дека СДСМ во септември ќе презентира мастер-план за развивање на државата.
– Секогаш сме подготвени за предвремени парламентарни избори, и со тим, и со добра програма, и со план, но алиби на Христијан Мицкоски за изборите нема да му дадеме. Тој вели: „Доколку опозицијата бара избори, ние сме подготвени веднаш да одиме на избори“. Се поставува прашањето – зошто не ја слушал опозицијата во други случаи? Зошто, на пример, на сила е укината техничката влада ако му значело мислењето на опозицијата? Зошто на сила сакаат да го донесат Изборниот законик со одредби на кои ние се противиме и имаме реални и објективни забелешки? И сега бара алиби за избори од опозицијата? Не, нема да му дадеме, а предвремени избори ќе има кога Мицкоски и неговата криминална група веќе нема да имаат пари – истакна претседателот на СДСМ.