Филипче: Која земја ќе ја претставува Мицкоски во Вашингтон?


Филипче: Б. Грданоски

Според лидерот на СДСМ, Венко Филипче, политиката на ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот лидер достигнала неверојатни граници на лицемерие. Откако правеа се да го спречат членството на Северна Македонија во НАТО, според него, сега гордо отидоа во Вашингон на самит, па ги праша – која држава Хрњистијан Мицкоски  ќе ја преставува таму – Северна Македонија или „Никогаш Северна, само Македонија“. 

„Христијан Мицкоски, кој за Вашингтон отиде со пола од неговите министри, гордо преку видео ни порача дека е на самитот на НАТО. Човекот кој жолчно работеше против членството во Алијансата и целата своја политичка стратегија ја базираше на блокада на тој процес, денес без грам срам се однесува како ништо да не било.

Лицемерието на политиката на ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски достигнува неверојатни граници. Тој заборави да каже во видеото која земја ќе ја претставуваат со Тошкоски, Мисајловски и Муцунски во Вашингтон, Северна Македонија или како што им ги подгреваа очекувањата на граѓаните – никогаш Северна само Македонија?

Мицкоски да не заборава дека тоа што денес е на најважниот политички настан во светот, а не во некој од месните штабови на ВМРО-ДПМНЕ е благодарение на храбрите и државнички одлуки на СДСМ, кој тој ги бојкотираше. Не е далеку денот кога и целосно ќе се накити со перјата во надворешната политика, исто како што тоа го прави со инвестициите кои помпезно ги најавува а се плод на работата на СДСМ“, напиша Филипче во реакцијата објавена на социјалните мрежи.