Филипче ја нарече „партиски притисок“ најавата за смена на Коцевски
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, реагираше на предлогот за разрешување на републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски, оценувајќи дека процесот е резултат на партиски притисоци и дека тоа ја загрозува независноста на правосудството. Според него се што презема ВМРО-ДПМНЕ во правосудството не е реформа и не води никаде, посочувајќи го како аргумент фактот дека ниту една препорака од Оценската мисија на ЕУ не е исполнета, со порака – оваа власт е ненародна според сите чекори што ги презема.
„Лично не го ни познавам (Коцевски), не сум ничиј адвокат и не сакам да бидам. Партиски притисок за да се постават партиски луѓе значи заглавување на системот. Ова е притисок кон обвинителот, ова се случува година ипол време наназад. Се назначуваа обвинители и судии блиски до ВМРО-ДПМНЕ. Не е ова Македонија што ја сакаме“, изјави Филипче.
Тој додаде дека СДСМ е против каков било притисок врз правосудните институции:
„Не бранам никого, но не е тоа што треба да се направи. Не сакам да ми ги извртат зборовите. Суштински работи се Кривичниот законик и Законот за јавно обвинителство. Дајте да ги донесеме европските критериуми, да ја донесеме европската обвинителка тука за некои случаи. Тоа е нашиот став.“
Владата го усвои предлогот за разрешување на Љупчо Коцевски од функцијата јавен обвинител, со што се продолжува постапката која, поради законските ограничувања, беше привремено стопирана за време на изборниот период. Овој потег се правда како чекор кон јакнење на правната држава и обезбедување непречено функционирање на органите во служба на граѓаните.