Филипче: Измените на Кривичниот законик беа грешка, сакаме да ја исправиме


 

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, на денешниот брифинг со новинарите оцени дека СДСМ згрешила околу измените на Кривичниот законик и дека тој како нов лидер сака да го поправи тоа.

Откако потсети дека во Министерството за правда има подготвен нов Кривичен законик, ја повика актуелната влада  да го стави на расправа во јавноста, со најава дека се подготвени заедно со пратениците од новата владејачка коалиција на ВМРО-ДПМНЕ да го изгласаат.

„Има изготвен нов кривичен законик во 2017 година од тогашната министерка Десковска. Тој е готов, завршен. Апелирам Владата да го стави на јавна расправа. Тој нов кривичен закон е направен во координација со меѓународните институции, по образец на кривичниот законик во Германија. Да се вклучи стручната фела и заедно со консензус да донесеме нов кривичен закон“, рече Филипче.

На прашањето зошто не ги послушале реакциите на јавноста кои беа доста остри кога се предложија измените на Кривичниот законик, со кој паднаа обвиненијата на сите функционери, Филипче рече дека тоа јасно го виделе во кампањата.

„Сметам дека не треба да се оди слепо напред, затоа сега за првпат го споделувам ова и очекувам Владата да се изјасни по овој предлог“, додаде Филипче.

Тој не знаеше да каже зошто кога веќе имало нов закон од 2017 не се донел, туку се предложија и изгласаа сосема нови измени .

Пратениците лани за еден ден со европско знаменце ги донесоа измените на Кривичниот законик со кои се намалува предвидената затворска казна за злоупотреба на службена положба. Oпозицијата тогаш ги осуди законските измени, оценувајќи ги како обид на Владата да ги заштити своите функционери од потенцијално кривично гонење, во услови на зголемени критики за корупција.

За барањата од страна на владејачката партија да докаже од каде му се пари за хациенда и за скап џип Филипче вели дека нема што да докажува – бидејќи нема ни хациенда ни возило и дека тие што ги споменува ВМРО-ДПМНЕ не се негови туку на таткото на сопругата, па и дека наводната хациенда не ја видел воопшто. Тој рече дека работи чесно и дека веќе имало отворени предмети за овие обвинувања и постапките биле затворени. 

„Обвинувањата не се издржани. Мојата работа секогаш била чесна. Немам хациенда ниту луксузни возила. Тие се на таткото на мојата сопруга. Со тој имот немам никаква врска“, кажа новиот претседател на СДСМ. (Н.В.)