Филипче: Иницијативите за моја смена се кафеански муабети
Нема да дозволам поделби на СДСМ и нови подизведувачи на криминалните политики на ВМРО-ДПМНЕ, нагласи претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во емисијата „Топ Тема“ на телевизија Телма.
Филипче посочи дека во период кога СДСМ ги разоткрива криминалните дејствија на ВМРО, нема да дозволи создавање структури кои ќе работат во интерес на власта.
„Сакам јасно да кажам, нема да дозволам втор ЗНАМ. Јас нема да дозволам повторно отцепување во период кога излегуваме со силна критика на власта, аргументираме и разоткриваме нивни криминални дејства, разоткриваме причини за запирање на евроинтегративниот пат“, рече Филипче.
Во интервјуто, Филипче порача дека актуелните иницијативи кои излегуваат во јавноста засега немаат сериозна основа и не нудат конкретни аргументи.
„Тие иницијативи засега се кафански муабети, тие иницијативи засега се сведуваат на некакви непотпишани писма до медиумите во коишто никој не кажува кои се проблемите, кои се причините, затоа што мене ме повикуваат да бидам сменет и ме повикуваат на одговорност.
Јас сум спремен да дебатирам на секоја тема, меѓутоа оваа партија и во минатото видела поделби. Еве видовме како се отцепи една група и отиде во движење ЗНАМ, којшто најавуваа дека ќе бидат коректор на власта, најавуваа дека некако поинаку ќе се однесуваат од СДСМ и што се случи – едно мало движење, подизведувачи на криминалните политики на ВМРО-ДПМНЕ. И само неколку луѓе имаат финансиски ќар од таа приказна“, нагласи Филипче.
Зборувајќи за актуелната власт Филипче рече дека премиерот Христијан Мицкоски е прокси руски играч во регионот и тука во Македонија.
„Тоа што се повеќе излегува на виделина е всушност дека премиерот Христијан Мицковски е прокси руски играч во регионот и тука во Македонија. Еврокомесарката за проширување Кос, кажа дека нема да примаат во Европа тројански коњи, а сега гледаме изминативе денови во текот на вчерашниот ден како унгарскиот министер за надворешни работи Петар Сијарто бил тој кој што ги пренесувал сите теми од затворените состаноци на Европскиот совет изминатите повеќе години на рускиот претседател Путин. Што направија Христијан Мицкоски и нашата влада? Не ставија во скут на таа земја, на тие луѓе директни соработници на рускиот претседател и агресор Путин“, рече Филипче.
Притоа, Филипче додаде дека не станува збор за некоја традиционална близина меѓу Македонија и Унгарија туку за бизнис интереси, а за сметка на тоа државата ги губи парите од европските грантови.
„Што е причината и зошто тогаш сме задолжени една милијарда евра преку владата на Орбан со самото доаѓање на таа влада. Понатаму како дадоа приоритет на Коридорот 10 над Коридорот 8 со што земјава изгуби 140 милиони евра, огромен дел грантови од Европска Унија. Зошто и што е причината? Што е причината за доаѓање на унгарскиот телеком „Фор Ај Џи“ тука кај на, телеком кој што го води човек близок во премиерот Орбан? Што е причината за инвестиции во енергетскиот сектор наеднаш да дојдат унгарски компании, повторно ќерки фирми на луѓе од Унгарија блиски до премиерот Орбан“, рече Филипче.
Филипче посочи дека единствен што коленичише е Христијан Мицкоски, кога молеше за власт и ветуваше враќање на името и дека тоа е дел од лажната реторика на Мицкоски додека свесно ја изолира државата од Европската Унија.
„Целосно сме изолирани, слепо црево. Ќе се сменат приоритетите во Европска Унија, веќе нема да биде така широко отворена вратата, какви кој знае услови ќе дојдат доколку Албанија стане земја членка пред нас. И што ќе правиме ние? Што оваа влада ќе прави, кој ќе понесе одговорност?“, рече Филипче.
Тој додаде дека ВМРО како влада и по две години покажа дека нема ниту план ниту визија за напредокот на државата и обезбедување подобра иднина за граѓаните.
„Политиката се сведува на тоа дека оваа влада нема апсолутно никаков план, ниту визија, ниту пак нешто прави добро за граѓаните и за државата во изминатите две години. Пола мандат е поминат граѓаните не видоа никаков бенефит нема ниту еден голем значаен проект, освен тие што се завршуваат, почнати во времето на владите на СДСМ“, рече Филипче.
Во однос на вечерашниот Централен одбор на партијата, Филипче најави дека предлог-програмата што ќе ја презентира ги содржи идните политики и мерки на СДСМ за граѓаните.
„Основата за оваа предлог-програма доаѓа од стручните комисии на партијата и процесот на финализација на програмата ќе заврши на 7 јуни со програмски Конгрес, на којшто програмата треба да се усвои. Притоа, пред Конгресот, односно на 6 јуни, ќе се одржи меѓународен состанок со сестринските партии од регионот, на којшто ќе потпишеме заедничка декларација за европска интеграција на регионот, борба против корупцијата и борба против авторитарните режими“, рече Филипче.
Притоа, Филипче додаде дека Конгресот ќе биде посветен единствено на новата програма бидејќи станува збор за предизвици со коишто се соочуваат сите наши сестрински социјалдемократски партии од регионот.