Филипче и Филиповски побараа од лисичани да се вакцинираат


На вечерашната средба на кандидадот за градоначлник за Општина Аеродром, Александар Филиповски, во Лисиче, присуствуваше и потпретседателот на СДСМ и министер за здравство Венко Филипче, кој побара од граѓаните да се вакцинираат.

– Вакцинацијата е клучен фактор и најсилно оружје во борбата со коронавирусот и најсигурен начин за стекнување колективен имунитет. Податоците покажуваат дека на удар се невакцинираните, затоа апелирам на одговорност, висока свест и совесност. Здравјето е наш приоритет – порача потпретседателот Филипче од населбата Лисиче, во Општина Аеродром.

Тој го поддржа кандидатот за градоначалник на општината, Филиповски, порачувајќи им на лисичани дека „Александар е наш човек, човек на Аеродром, човек на Скопје. Комуникативен, отворен, докажан млад човек, кому му се довери задача да продолжи да ја развива Општина Аеродром во вистинскиот правец. Сигурен сум дека сте сигурни дека Александар Филиповски е најдоброто за вас и вашата општина“.

Филиповски пак им порача на жителите на Лисиче дека, градинката „Пчелка“ ќе добие од темел нов лик. Енергетско – ефикасен објект, со нови занимални, опрема и дидактички материјали кои ќе обезбедат поквалитетно предучилишно образование за нашите најмили.

– За овозможување на подобри услови за раст и развој на децата, во нашиот Аеродром имаме повеќе проекти. Планираме и изведба на нови детски и спортски игралишта, со цел правилен физички развој на децата. Овие зони ќе имаат и инклузивни содржини, реквизити, со цел да бидат достапни и за лицата со попреченост – истакна Филиповски.

Граѓаните од овој дел на населбата особено се интересираа за реконструкција на плочникот, затоа што овој дел, кај трговскиот центар е една од пофреквентните зони.

– Предвидуваме целосна реконструкција на плочникот. Покрај обновата на партерниот дел, додадена вредност ќе претставува и новото зеленило. Тука и хортикултурно ќе го уредиме јавниот простор, затоа што една од главните цели е на секој можен начин да го надоместуваме изгубеното зеленило – рече кандидатот за градоначалник на Аеродром.

Покрај за најмладите, СДСМ нуди програма и за највозрасните сограѓани, оние на кои им треба поддршка, со цел спокојни и мирни пензионерски денови.

– Во моментов се завршува изградбата и на реонската амбуланта, со што и пристапот до здравствена заштита ќе биде подобар за сите лица. Планираме да воведеме и домашни посети во домот за постарите и изнемоштени лица. Нашите баби и дедовци нè израснале, а сега ние треба да им „вратиме“, да им се одолжиме. Ќе воспоставиме соработка со обучени лица – негователи, кои ќе вршат дневни посети и на повозрасните ќе им помагаат во домаќинството, ќе им купуваат продукти или ќе им вршат други работи – истакна Александар Филиповски.

Маалските средби продолжуваат и следните денови, со цел да се слушнат сите предлози на граѓаните и да се создаде уште поквалитетна понуда за општина Аеродром.