Филипче ги објави „црвените линии“ за ЕУ – до 10 февруари да завршат уставните измени

Крајно неодговорно е да не се прави ништо за ЕУ, рече лидерот на СДСМ Венко Филипче


Владата и сите институции доследно да се придржуваат кон определбата за безусловно почитување на јазичните, идентитетските, историските и културните особености на македонскиот народ, како елементи за кои не се преговара со ЕУ. Македонија да порача дека е подготвена да ги исполни обврските од Преговарачката рамка со ЕУ, вклучувајќи ги и уставните измени, но со јасна определба дека е тоа последната пречка – без прифаќање на нови барања или прашања од билатерален и идентитетски карактер.

Ова се двете главни точки од Резолуцијата за дефинирање заеднички позиции за продолжување на европскиот пат на државата, што денеска ја презентираше на брифинг со медиуми лидерот на СДСМ Венко Филипче.

 

– Ова се нашите црвени линии. Ова е предлог решение за постигнување на сите заеднички национални и стратешки цели со консензус со оглед на високото мнозинство граѓаните за членство на државата во ЕУ – изјави Филипче.

Документот како работна верзија најпрво ќе биде доставен до сите политички партии, а потоа Собранието треба да се излезе со заеднички документ.

 

– Документот доаѓа со предлог закон за улогата на Собранието во процесот на евроинтеграциските преговори. Очекувам сите да бидат конструктивни и да не се злоупотребува за политички цели во предизборни кампањи – нагласи Филипче.

 

Документот, како што посочи, содржи и конкретна временска рамка, како и механизми кои чекори треба да ги преземе Собранието доколку некоја од земјите членки задираат во идентитетските прашања.

– Сметам дека е крајно неодговорно да не се прави ништо на ова поле. Ако ние постигнеме национален консензус никој нема да може да се бори со нас и да нѐ запре – порача Филипче.

Временската рамка за спроведување на определбите на оваа Резолуција предвидува Владата од 15 до 25 ноември 2025 година да се изјасни дали останува на истиот текст или подготвува и предлага нов текст на уставните амандмани. Доколку предлага нов текст на амандманите, тој да биде усвоен од Владата и доставен до Собранието до 1 декември 2025 година.

„Собранието да ја започне постапката за измена на Уставот и да се достигне до фазата на прво гласање најдоцна до 15 декември 2025 година. Собранието да ја заврши постапката за измена на Уставот со финално гласање најдоцна до 10 февруари 2026 година. Истиот ден на финалното гласање и усвојување на Уставниот закон за спроведување на уставните амандмани Владата да испрати писмо до државите членки на ЕУ и до Европската комисија дека е исполнета нашата обврска за одблокирање на преговарачкиот процес и да ги достави потребните документи (Патокази) кои ги има подготвено како инструменти вообичаени за преговорите.

Во истото писмо, Владата да ја повика Европската комисија, согласно Заклучоците на Советот на ЕУ донесени на 18 јули 2022 година, да организира Меѓувладина конференција помеѓу државите членки на ЕУ и Северна Македонија на која ќе се донесат сите потребни одлуки за одблокирање на преговорите за членство и ќе биде отворен првиот кластер – Темелни вредности не подоцна од 15 февруари 2026 година“, се наведува во Резолуцијата што ја предложи Филипче.