Филипче бара Мицкоски информациите за можна дестабилизација да ги сподели со институциите
Oд ДУИ велат дека се партија гарант за мирот
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, го повика премиерот Христијан Мицкоски доколку поседува било какви информации за можна дестабилизација или нарушување на мирот во земјата, истите итно да ги сподели со надлежните институции.
-Во спротивно, тој станува соучесник или политички фактор кој можеби од таквата состојба има интерес. Информациите за дестабилизација кои два дена по ред ги пласира премиерот предизвикуваат немир кај граѓаните, а негова лична одговорност е да превенира таква состојба. Доколку тој сам не ги сподели информациите, ги повикувам истражните органи да поведат постапка и ги истражат овие наводи. Како претседател на СДСМ која е одговорна партија, секогаш се спротиставувам на било какви форми на дестабилизација. Исто така, не смее да се дозволи ниту манипулации со чуствата на граѓаните и предизвикување состојба на тензија, без конкретна акција од страна на државата, напиша Филипче на Фејсбук.
Преку соопштение реагираа и од Демократската унија за интеграција (ДУИ), кои велат дека како државотворна партија се гарант за мирот, стабилноста, благосостојбата и европската иднина на земјата.
-Без да ги коментираме политичките спинови и блефови, сакаме да појасниме дека имаме мандат и одговорност од албанските гласачи за заштита на легитимитетот, политичката волја и достоинството на гласот и Албанскиот народ во Северна Македонија. Ќе ги преземеме сите демократски мерки и средства за да го спречиме понижувањето и мајоризацијата на Албанците преку наметнување на вазали. Што се однесува до неоснованите обвинувања за прекршување на законот, уште еднаш ги повикуваме политичките партии на проверка на сите носители на јавни функции со меѓународна помош. Само така ќе престане блефирањето, ловот на вештерки и злоупотребата на борбата против корупцијата за политички цели. Веднаш поканете ја меѓународната заедница да испрати експерти за целосна проверка на секој од нас и на вас, вклучително и истрага за процесот на приватизација!
Имаме информации со кои располагаме, добиени од повеќе канали, дека раководството на Демократската унија за интеграција (ДУИ) во обид да го заштити капиталот којшто го создаваше изминативе 20-22 години, ќе презема чекори во насока на дестабилизирање на државата, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски на заедничката прес-конференција со премиерот на Република Косово, Албин Курти.
Во одговор на новинарско прашање во врска со ставовите на Мицкоски произнесени викендов, дека ДУИ ја загрозува интеретничката слика во државата и претставува закана по мирот и стабилноста на Македонија како држава, премиерот нагласи дека очекува тоа да се случи оваа есен, но сепак, вели, времето ќе даде одговор дали информациите со кои располага се точни или не.