„Фатална грешка“: ВМРО-ДПМНЕ конечно призна дека згрешиле со Данела Арсовска

Поддршката за Данела Арсовска беше фатална грешка која не треба да се заборави, вели градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски


Од среќните и заеднички времиња на Христијан Мицкоски и Данела Арсовска

 

Драматична и фатална погрешна проценка.

Кризата со ѓубрето во Скопје изгледа дека конечно ги расчисти работите околу затруениот однос меѓу ВМРО-ДПМНЕ е градоначалничката Данела Арсовска, која партијата сесрдно и со сите можни ресурси ја поддрж на последните локални избори.

Градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, денеска изјави дека „длабоко се кае“ за поддршката на Арсовска и дека грешката била „фатална“.

„Длабоко се каам и не го кријам тоа дека дадов политичка поддршка за госпоѓата Арсовска, на човек што го девастираше градот. Но ова што се случува сега ниту било ниту ќе биде видено во Скопје. Јас лично како човек чувствувам длабоко каење што во даден момент дадов поддршка. Секој човек може да направи грешка, нашава е фатална, и тоа не треба да се заборави, но се надевам и верувам дека нема да се повтори“, изјави Ѓоргиевски по состанокот на градоначалниците на Скопскиот регион.

Оваа негова изјава може да излега како „прочистување“ за партијата, иако за неа остануваат да се влечат две големи и неодговорени прашања:

Прво, како можеше ВМРО-ДПМНЕ како толку голема и организирана партија (како што самите, а и значаен дел од јавноста тврдат) да направат толку голема погрешна проценка. Дури и „фатална“, како што вели градоначалникот на Кисела Вода.

Второ, дали ќе им се извинат на скопјани поради тоа што ги повикаа да гласаат за „независната“ Данела Арсовска, убедувајќи ги во нејзините извонредни менаџерски способности и тврдејќи дека таа ја има визијата за модерно Скопје. Извинувањето кон скопјани, а не каењето ќе биде вистинскиот чекор за ВМРО-ДПМНЕ. Но таквото извинување може да отвори други нови прашања – дали и на други внатрешно-партиски нивоа може да има такви „фатални проценки“.

И кој треба да не заборави за нивната „фатална проценка“ – партиските структури или гласачите кога следниот пат ќе излезат на избори.

Други двајца кандидати во изборната трка, Бени Шаќири и Петар Георгиевски, кои сесродно ја поддржаа Арсовска пред вториот круг, молчат.

Ѓорѓиевски и другите градоначалници од Скопскиот регион бараат од Владата да се вклучи во решавањето на кризата со ѓубрето. Исто како што бараа да се вклучи во решавањето на проблемот со парното греење, снабдувањето со електрична енергија и високите сметки. Тие ја повикаа градоначалничката на Скопје Данела Арсовска да ги го реши проблемот, ако не може таа Владата да им помогне со делегирање на надлежности и со сите ресурси да се реши проблемот. Тие бараат да се расформира Комунална хигиена и да им се предадат ингеренциите и механизацијата на скопските општини.

Ѓорѓиевски бара оставка од градоначаничката Арсовска.

Вмровските градоначалници во Скопје во една итна партиска, а не државна организација синоќа ги повикаа на помош нивните партиски колеги од други градови да им помогнат во собирање на ѓубрето, а потоа го истоварија пред затворените врати на депонијата „Дрисла“. Општина Центар од утрово сама почна со чистење на ѓубрето.

Доцна синоќа, по седница на Кризниот штаб, градоначалничката Данела Арсовска му порача на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека е разобличен. „Разобличен е затоа што со бескрупулозност, за евтини политички поени, сака да креира проблеми за граѓаните кои потоа сака да се претставува дека ги решава и дека ги расчистува. Таквите политичари се најголемото ѓубре коешто овој град го видело и ние вечерва ќе почнеме со чистење на ѓубрето, да ги чистиме и нив“, порача Арсовска, нагласувајќи дека ситуацијата во „Комунална хигиена“ е ставено во нормала и оти се надева дека од денеска ќе почне да работи со целосен капацитет. (Н.В.)