Фанови ја тужат Мадона за задоцнет концерт


Поп ѕвездата Мадона доби тужба од двајца лути обожаватели кои ги „изнервира“ на минатогодишниот концерт во Њујорк. Во поднесување до федералниот суд во Бруклин, њујорчаните Мајкл Фелоус и Џонатан Хаден ја тужеа Мадона, Центарот Баркли во Бруклин и Live Nation Entertainment, специјализирана за организирање големи настани во забавната индустрија.

Во судскиот документ се наведува дека поп-ѕвездата „лажно го ветила времето за почеток на концертот, кое повеќе пати не го исполнила“. Основата на тужбата поднесена од разочараното дуо на 17 јануари се „несовесни, нефер и/или измамнички практики“.

Обвинителите на Мадона се повикуваат на флаер и промоција за три нејзини концерти во Њујорк на крајот на 2023 година, во кои се наведува дека настапот ќе започне во 20:30 часот, но тој започнал дури по 22:30 часот, што, според фановите, е прекршување на договорот.

Проблемот е што Мајкл Фелоус и Џонатан Хаден се налутени зашто тбеа соочени со компликации, „ограничен јавен превоз, зголемени трошоци за јавен и приватен превоз“ бидејќи настапот на поп-кралицата заврши по полноќ.

„Мадона покажа несериозност во обезбедувањето навремен настап, иако тужителите се свесни дека секоја изјава за времето на почетокот на концертот претставува, во најдобар случај, оптимистичка шпекулација“, се наведува во тужбата. Тие додадоа дека Мадона го одложила почетокот на концертот на 14 декември и 16 декември 2023 година во Њујорк. Тие се убедени дека нејзините постапки „не се само прекршување на договорот, туку и несовесно, лажно рекламирање и небрежност“, се наведува во тужбата.

Имено, обвинението се однесува на нејзината турнеја „Rebel Heart“ во 2016 година и турнејата „Madame X“ во 2019-2020 година, на која, како што тврдат, Мадона ги започнала своите концерти со повеќе од два часа доцнење.

Претставниците на Мадона и Live Nation се уште не ја коментирале тужбата. Бидејќи животот на пејачката беше загрозен поради бактериска инфекција во јуни 2023 година, таа мораше да го одложи продолжението на светската турнеја, со која беа одбележани 40 години од објавувањето на првиот, голем хит „Holiday“. Се очекува американскиот дел од „Celebration Tour“ да заврши на 15 април, во Тексас.