„Фактор“: „Пуцко Петрол“ го купи земјиштето на „Алумина“, Израелците се повлекуваат

Нафтената компанија „Пуцко Петрол“ за 18 милиони евра го купи земјиштето на поранешната фабрика „Алумина“, од околу 42 илјади метри квадратни, кое досега беше во сопственост на израелската компанија „Газит глоуб“, пишува „Фактор“, додавајќи дека компанијата си заминува од земјава. Со платените даноци и другите давачки сумата се искачува на 24 милиони евра.
Инвестицијата за „Фактор“ ја потврди и првиот човек и сопственик на компанијата, Асмир Јахоски, инаку син на поранешниот градоначалник на општина Пласница и сегашен пратеник од редовите на ДУИ, Исмаил Јахоски. Јахоски вели дека целта е да се ревитализира целиот простор и да се стави фокус на зелените површини и парковите. Според него, инвестицијата која би се случила на овој простор, се проценува на 150 милиони евра.
Инаку, атрактивната локација на местото каде што порано се наоѓаше фабриката „Алумина“, требаше да биде отворен голем деловен центар распространет на 90.000 квадратни метри, G-mall.
Израелската компанија „Газит глоуб“ преку својата филијала основана во Македонија „Г-Македонија“ на 30 јуни 2008 стана сопственик на фабриката „Алумина“ и на земјиштето каде што таа е лоцирана, во петтото надавање за дена од 22 милиони евра, пишуваа тогаш медиумите. На овој простор компанијата најави инвестиција од 100 милиони евра во изградба на резиденцијално – комерцијален центар, во кој требаше да има и луксузен хотел и деловни згради. Најавите за грандиозен трговски центар на местото на некогашната фабрика и нови проекти стивнаа некаде во 2011 година.