Европскиот суд за човекови права во Стразбур ќе расправа за Струшката депонија

Европскиот суд за човекови права во Стразбур ќе расправа за депонијата во Струга, откако домашните судови се прогласија за ненадлежни по поднесената тужба од физичко лице кое живее во непосредна близина на депонијата и Македонското здружение на млади правници, соопшти адвокатската канцеларија Стојкоски и Ќатоски.
Тоа, како што појаснуваат во објавата, значи дека Стразбур ќе расправа за еден од најголемите еколошки и здравствени проблеми во Струга – депонијата која се наоѓа на 500 метри од првите куќи, во близина на реката Црн Дрим и два километри од Охридското Езеро.
– Во постапката бараме утврдување на повреда на правата на пристап до суд, на приватен и семеен живот и ефективен правен лек, посочуваат од Адвокатската канцеларија.
Депонијата, нагласуваат, загадува со над 40.000 тони отпад годишно, без никаква контрола врз видот на отпадот.
– Како Адвокатска канцеларија, заедно со Македонското здружение на млади правници остануваме целосно посветени на правната борба за заштита на животната средина и здравјето и правата на жителите, како и примена на европските стандарди за човекови права во Македонија, стои во објавата.
Тужбата беше поднесена против Министерството за животна средина и просторно планирање, Општина Струга и јавното претпријатие „Комунално“ поради непреземање мерки за справување со депонијата во Струга која ги загадува почвата, Охридското Езеро и реката Црн Дрим.