Европратеникот Андреј Ковачев се жали дека не му бил дозволен влез во Македонија


 

Македонската гранична полиција не дозволила влез во земјава на бугарскиот европратеник од ГЕРБ Андреј Ковачев, како и на Милен Врабевски и на уште тројца Бугарски државјани, јави денеска бугарската новинска агенција БГНЕС.

Според агенцијата, тие сакале да учествуваат на одбележувањето на Ѓурѓовден во Ново Село, Струмица.

„За жал, не ни дозволија да одиме на традиционалната прослава на Ѓурѓовден во струмичко Ново Село. Повеќе од 10 години на Ѓурѓовден одам во Ново село, Македонија на нашите бугарски воени гробишта. И јас годинава отидов таму и на мое големо чудење и ужас не не пуштија да влеземе со објаснување дека нивна одлука, но никој не ни објасни со какви мотиви“, го цитира агенцијата европратеникот Ковачев, кој додава дека добиле документ со тој, Милен Врабевски и уште три лица биле вратени од граничниот пункт, за што, како што рекол бил  „крајно изненаден“.

„Пред само неколку дена се сретнав со министерот за надворешни работи Бујар Османи, ние, партијата ГЕРБ и нејзиниот лидер Бојко Борисов, правиме се што е можно за да го ослободиме патот на РСМ напред и да ги надминеме овие работи понатаму. Затоа апсолутно не ми е јасно, ова е инерција од минатото, инерција во нивните служби, затоа што нивното обезбедување се спушта по списоците на луѓе кои не се сакаат да влезат
Македонија“, вели Ковачев за БГНЕС.

Ова е прв пат Ковачев да не биде примен во Македонија, објави агенцијата, цитирајќи го европратеникот дека никогаш немало никаков проблем.

Тој објаснува дека прослават и годинава „ќе биде убава, со македонско и бугарско знаме, со богослужба на погребна литургија од митрополитот струмички г. Наум, со воените аташеа акредитирани во РСМ“.

„Организаторот на прославата д-р Милен Врабевски, исто така не беше примен“, додаде Ковачев, заклучувајќи дека овој чин бил против интересите на Република Северна Македонија, особено што Извештајот за РСМ во моментов се расправа во ЕП и затоа е нелогично да не се дозволи влез на членовите на ЕП во земјата.

БГНЕС потсетува дека Спомен-обележјето, каде што се положени смртните останки на 71 бугарски војник, се наоѓа недалеку од Струмица, како и дека станува збор за едно од
471 бугарски воени гробишта на територијата на денешна Северна Македонија, каде што се погребани загинати во Првата и Втората Балканска војна и Првата светска војна.

БГНЕС објавува и факсимил од документ кој наводно му бил издаден на Ковачев од македонската гранична полиција на преминот „Ново Село“. Во него како причини за одбивањето за влез во нашата земја е наведен дека „не поседува валидна патна исправа или друг документ пропишан за преминување на државната граница“, како и дека „поседува лажен/фалсификуван патен документ“.