Европарламентарците одбиваат да го прифатат договорот за новиот буџет на ЕУ


Европските парламентарци попладнево усвоија резолуција во која бараат измени во долгорочниот договор за буџет на Европската унија, вклучително и плановите за сопствените ресурси на ЕУ и владеењето на правото. Тие нема да се согласат со предложениот долгорочен договор за буџетот на ЕУ, соопштија тие денеска, гневни поради намалувањето на трошењето, јави ДПА.

Европскиот Парламент треба да го одобри буџетот на ЕУ од 1,074 милијарди евра, што во вторникот беше усвоен на политичко ниво. Договорот беше постигнат по интензивни четиридневни преговори меѓу лидерите на ЕУ, на кои повеќепати се гледаше дека разговорите нема да успеат.

Но, додека повеќето лидери го поздравија пакетот како „историски“, пратениците од сите седум политички групи во парламентот денеска беа критички настроени.

-Ние во  моментов не сме подготвени да ја проголтаме горчливата пилула што ни ја понудивте, рече претседателот на Европската народна партија, Манфред Вебер, цитирајќи го претходниот израз користен од претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен.

Вебер рече дека предлогот на долгорочниот буџет на ЕУ има драматични намалувања во здравството за кои рече дека се „неверојатни“ во време на пандемијата на коронавирусот.

-Другите намалувања се во областа на иновациите и на одбраната, рече лидерот на најголемата политичка група во ЕП.

На пакетот, исто така, му е потребна јасна дефиниција за тоа како владеењето на правото е поврзано со трошењето пари на ЕУ, рече претседателот на централно-десничарската група.

Гарсија Перез од групата на социјалдемократите, втората по големина политичка фракција во парламентот, рече дека групата „нема да ги прифати“ предвидени намалувања на надворешните кастарења во програмите ориентирани кон иднината.

Претседавачите на останатите политички групи во ЕП, исто така, настапија со критика за договорот на ЕУ за идниот буџет.