Реконструкција, а не укинување на вториот пензиски столб, вели министерот Велковски


Фото: Б. Грданоски

Не се размислува за укинување на вториот пензиски столб, туку за негова можна реконструкција, вели министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски. 

– Да не го нарекуваме укинување, туку реконструкција на вториот пензиски столб, одговори министерот во интервју за 360 степени на МРТ, прашан дали Владата ја разгледува опцијата за укинување односно национализација на вториот столб.

Велковски посочува дека се земаат предвид повеќе параметри со цел да се зацврсти сиситемот и истовремено граѓаните да имаат поголеми пензии. Се прават компаративни анализи со други европски држави кои имаат сличен пензиски модел во однос на вториот пензиски столб.

Според Велковски, системот на вториот пензиски столб бил воспоставен пред околу 20 години, кога параметрите биле значително поинакви од денешните.Тој посочи дека во изминатите две децении имаме значителни промени, особено во демографската структура.

-Пред дваесетина години, кога првпат се воспоставува ваквиот систем на вториот столб на штедењето на осигурениците, биле поставени различни параметри. Тогаш имавме различна плата, различен број на вработени, различно активно население, различен број на осигуреници и различен број на пензионери во системот на првиот столб, рече Велковски.

Вели дека анализите треба да покажат што значи денешното штедење во вториот столб и какви пензии би можеле да очекуваат идните пензионери.

Тој, исто така, најави и дека Владата ќе овозможи откуп до две години стаж за пензија, а тоа право ќе го имаат само оние лица кои имаат остварено минимум 13 години работен стаж.

Посочи дека согласно закон кој веќе се разгледува во рамките на Владата, граѓаните кои ги исполниле старосните услови за пензионирање, но им недостасуваат до две години работен стаж за законскиот минимум од 15 години, ќе можат сами да ги уплатат придонесите за овој период и да остварат право на пензија. Право на откуп на стаж ќе имаат само оние лица кои имаат остварено минимум 13 години работен стаж, а веќе не се активни осигуреници на пазарот на трудот.

– Откуп на стаж се однесува и ќе се однесува само на оние коишто веќе не се денеска осигуреници, наполниле 62-64 години, нели жени-мажи, ќе имаат право тие коишто имаат до 13 години работен стаж којшто го направиле во моментот кога ги наполниле годините на старост, значи 24 месеци да го откупат својот стаж, односно да платат за истиот, рече Велковски.

За месеците кои им недостигаат до законскиот минимум од 15 години, граѓаните ќе треба да го подмират товарот за пензиското осигурување, а основицата за пресметка нема да биде цела, туку половина од просечната плата и тоа за минатата година.

– Значи од годината кога заминал, односно 2025 година во случајов ќе биде на таа плата придонес да се плати. Некаде отприлика, сега бројките да не ги говорам, меѓутоа зависно нели кој колку месеци му останале да замине во пензија, ќе има одредена сума којашто треба да ја уплатат самите граѓани, а потоа ќе ја добијат пензијата засметана со сите параметри согласно законот, кажа министерот.

Во пракса, како што посочи, доколку станува збор за година во која просечната плата изнесувала 45 000 денари нето, придонесот од 19,9 отсто ќе се пресметува на 22 500 денари помнежен по бројот на месеци што им недистигаат (а најмногу 24).

Откако ќе се изврши уплатата за стажот што недостасува, висината на пензијата ќе се утврдува според стандардната законска формула, односно врз основа на примањата кои осигуреникот ги имал во текот на годините кога бил работно ангажиран.

– Зависно колку имале во 13-те години, формулата која ќе произлезе – значи од 13 години колку штедел, на каква плата бил пријавен итн., ќе се покаже самата формула дополнително. Така што, ако бил на минимална, тогаш ќе има некои од минималните категории, нели коишто се 9 вкупно во системот. Ако земале, односно биле пријавени на повисока плата, така ќе се засмета, кажа Велковски.