Филипче предложи да се укине акцизата за горивата и ДДВ да се намали на 5 отсто
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конференција предложи конкретни мерки за намалување на цените на горивата кои ќе го намалат притисокот врз граѓаните.
„Мерките од премиерот се задоцнети и недоволни, намалување само на ДДВ. Затоа предлагаме владата да ги слушне граѓаните, да излезе од нивниот свет, замислен свет, да излезе премиерот од неговиот свет на бајките и на таканаречената елита, да ги слушне проблемите со кои што граѓаните се соочуваат, да излезе од светот негов, да ги имплементира следни мерки: да се укине акцизата на горивата и ДДВ-то да се намали од 18% на 5%“, рече Филипче.
Потоа, на прес-конференцијата, Филипче, направи споредба што би значело усвојувањето на овие мерки.
„Доколку се имплементираат мерките на Владата, недоволното намалување на акцизата од 18 на 10%, тогаш, човек со просечна нето плата може да купи 513 литри евродизел или 535 литри евросупер. Со нашите предлог мерки, ќе може да купи 621 литар евродизел, значи 108 литри повеќе, или 740 литри евросупер, односно 205 литри повеќе“, рече Филипче.
Претседателот на СДСМ нагласи дека ова се мерки што ќе имаат поширок ефект врз економијата, бидејќи пониските цени на горивата можат да влијаат и врз останатите цени, особено во услови кога граѓаните се соочуваат со високи цени на основните производи.