Европарламентарци бараат ЕУ да не казни за претераното загадување со централите на јаглен
ЕУ мора да инсистира земјите од Западен Балкан да го намалат нивното загадување преку централите на јаглен и да се усогласат со барањата за емисии, реагираат европратениците Петрос Кокалис и Виола фон Крамон-Таубадел, покренувајќи иницијатива зад која застанаа уште 23 нивни колеги од ЕП.
Според нив, петте земји од Западен Балкан, кои се потпираат на јаглен за својата електрична енергија, можеби не се рангираат високо во глобалните апсолутни емисии на CO2, но сепак, кога станува збор за загадувањето на воздухот и неговите влијанија во самиот регион и во ЕУ, сликата е сосема поинаква. Во 2020 година, 18 електрани на јаглен во Западен Балкан испуштале 2,5 пати повеќе сулфур диоксид од 221 такви електрани во ЕУ.
Проценките се дека најмалку 19.000 смртни случаи се резултат на загадувањето на воздухот од централите на јаглен во Западен Балкан во периодот од 2018 до 2020 година, а 12.000 од нив се поради прекршување на Директивата за големи постројки за согорување. Оваа легислатива веќе двапати била заменета во ЕУ за да се наметнат построги ограничувања, но стапила на сила на Западен Балкан дури во 2018 година.
„Повеќе од половина од овие смртни случаи што можеше да се спречат се случија во ЕУ, која увезува 8 отсто од електричната енергија произведена од овие силно загадувачки постројки. Најпогодени земји од ЕУ беа Италија, Унгарија, Романија, Грција, Бугарија и Хрватска. Така, ЕУ ја користи евтината електрична енергија што ја произведуваат централите, но плаќа значителни здравствени трошоци.Увозот на електрична енергија на ЕУ од Западен Балкан сочинува 0,3 отсто од вкупната потрошувачка на електрична енергија во ЕУ. Сепак, загадувањето на СO2 поврзано со овој увоз е половина од вкупните емисии од сите електрани во ЕУ во 2020 година“, посочуваат европарламентарците.
Земјите од Западен Балкан требаше да се подготват за имплементација на Директивата за големи постројки за согорување од 2005 година кога се приклучија на Договорот за енергетска заедница, но ЕУ презема многу малку активности за да ја обесхрабри таквата флагрантна неусогласеност, што според европарламентарците, довело до вонредна состојба за јавното здравје и животната средина.
„Како претставници на граѓаните на ЕУ, веруваме дека ЕУ мора да ги засили активностите и да инсистира земјите да го намалат нивното загадување и да се усогласат со барањата за емисии. Сегашниот механизам за решавање спорови од Договорот за енергетска заедница во никој случај не е доволно силна алатка за усогласување на земјите. Минатата 2020 година беше трета година по ред на прекршувања. Земјите знаат дека нема да трпат финансиските казни, кои во ЕУ докажано функционираат. Затоа, зајакнувањето на Договорот за енергетска заедница е од голема важност. Тој се покажа како клучен инструмент за унапредување на примената на правото на ЕУ во енергетскиот сектор во договорните страни“, стои во реакцијата на европарламентарците.
Според нив, неуспехот да се намали јазот во контролата на загадувањето и севкупните климатски цели меѓу ЕУ и нејзините непосредни соседи, ризикува да ја наруши кредибилитетот на блокот, нешто што мора да се избегне.