Европа се подготвува за најлошото сценарио – враќањето на Трамп!

Очекувањата се дека втората администрација на Трамп би била многу полоша од првата бидејќи никој способен не би влегол повторно во неговиот тим по претходните искуства.


Со оглед на тоа што поранешниот претседател на Соединетите Американски Држав, Доналд Трамп, е заробен во сè поголеми и потенцијално опасни за неговата кариера правни проблеми, некои европски лидери и политичари полесно дишат. . . но само малку.

Веќе со месеци, на маргините на глобалните самити и собири – вклучително Давос, Минхенската безбедносна конференција и фестивалот на идеи во Аспен – дискусиите се повеќе се свртуваат кон  тоа што би можел да значи втор мандат на Трамп за Европа и НАТО и какво би било неговото влијание во однос на поддршката на Западот за Украина.

„Тоа е темата за која сите сакаат да зборуваат“, рече Иво Далдер, поранешен амбасадор на САД во НАТО, кој го предводи Советот за глобални прашања во Чикаго. „Сите ги прашуваат другите што ќе се случи. Слушам луѓе кои постојано прашуваат што ќе и направи на Украина ако Трамп се врати во Белата куќа“.

Кошмарот на Европа сè уште е враќање на Трамп, но тоа е лош сон што е ставен на задната страна на умот. Бидејќи поранешниот претседател ја објави својата кандидатура, а неодамнешните судски појави и обвиненија само ја подгреваат неговата популарност меѓу неговата републиканска база, многумина на континентот сега се прашуваат, што е планот?

За повеќето европски лидери, првиот мандат на Трамп беше – во најмала рака – трауматичен, придружен со закани за повлекување на САД од НАТО, одбивање категорично да се потврди Членот 5 од Договорот за НАТО кој гарантира взаемна помош во случај на вооружен напад и несогласувања за низа прашања – од трговија и имиграција до санкции кон Русија и климатски промени.

Ниските удари дојдоа брзо, непопустливо едноподруго. Во мај 2017 година, неколку месеци по неговото влегување во Белата куќа, Европејците се надеваа дека може да се појави поумерен Трамп, правејќи напори да се приближат и да се додворат на човекот што германскиот весник „Ханделсблат“ го нарече „Шефот“. Секако, тој ги ублажи своите забелешки од кампањата, вклучувајќи го и неговиот опис на Брисел како „пеколна дупка“ поради, како што тврдеше, недостатокот на „асимилација“ на муслиманското население.Но, тие надежи беа брзо згаснати при првата претседателска посета на Трамп на Европа, кога ги направи тешки разговорите за ресетирање на трансатлантските односи кои беа нарушени од неговите турбулентни избори.

Додека Трамп и неговите помошници го опишаа патувањето како „успешно“, европските лидери и официјални претставници се пожалија дека тимот не знаел за основните факти – особено за трансатлантската трговија.

„Секогаш кога зборувавме за некоја земја, тој се сеќаваше на работите што ги правел таму“, изјави официјален претставник за белгиски „Ле Соар“. „Шкотска? Тој рече дека отворил голф клуб. Ирска? Тој рече дека му биле потребни две и пол години за да добие лиценца и тоа не му дава многу добра слика за ЕУ“.

Тој прв вкус на Трамп ја поттикна тогашната германска канцеларка Ангела Меркел, цврст трансатлантичар, да се запраша до каде оди западната алијанса. Говорејќи на митинг во Германија, таа рече: „Времињата во кои можеме целосно да сметаме на другите се донекаде завршени, како што доживеав во изминатите неколку дена“.

И покрај тоа што призна дека Германија и Европа треба да се стремат да одржуваат добри односи со САД и Велика Британија, Меркел исто така рече: „Треба да знаеме дека мора да се бориме за нашата сопствена иднина како Европејци, за нашата судбина“.

Нејзиното расположение не се подобри следната година, кога на самитот на Г7 во Канада, Трамп извади две бонбони од џебот, ги фрли пред германската канцеларка и рече: „Еве, Ангела, не кажувај дека јас никогаш не ви давам ништо“, додека францускиот претседател Емануел Макрон, Меркел и другите се обидуваа да го убедат да потпише коминике за меѓународен поредок заснован на правила.

Така, кога Џо Бајден – најпроатлантскиот претседател го порази Трамп, имаше неограничено олеснување. „Односите ќе бидат помалку абразивни и нема да мораме да ги преживуваме  претседателските твитови на сите теми“, рече висок германски функционер.

Притоа, со него исчезна охрабрувањето од страна на Белата куќа за евроскептичните популисти на континентот,  исчезна исто така, удобноста на рускиот претседател Владимир Путин. Не дека некој очекуваше дека сè ќе биде непречено – и САД и Европа се променија, а Бајден изгледаше како да може да продолжи со агендата „Америка на прво место“, иако не, како што истакна самиот  со  „Америка сама“. Сепак, епизодното преиспитување на самата вредност на трансатлантскиот одбранбен пакт во кој се вклучи Трамп, како и модринките од средбите и грубите твитови насочени кон европските лидери,  исто така исчезнаа.

По сето ова, некои европски политичари сега ги обвинуваат своите колеги и националните лидери што не подготвуваат планови за вонредни ситуации и не размислуваат доволно за тоа како да се справат со вториот мандат на Трамп. Францускиот пратеник Бенџамин Хадад, член на партијата на Макрон, вели дека никој не треба да претпоставува дека Бајден ќе биде реизбран, ниту пак да се заложи Трамп да биде прогласен за виновен за обвиненијата поднесени оваа недела од американскиот специјален советник Џек Смит – најзначајните во 247-годишната Америка историја.

„Верувам дека Европејците не ја сфаќаат доволно сериозно веројатноста од реизборот на Трамп“, изјави Хадад за Политико. „Обвиненијата, без разлика дали се оправдани од правна гледна точка, јасно го зајакнуваат пред републиканските прелиминарни избори. И тој е раме до раме со Бајден во анкетите за изборите на федерално ниво. Во овој момент, се чини како сценарио 50-50. Безбедноста на Европа не може да почива на каприците на американскиот електорат“, додаде тој.

Некои планирања во Европа конечно започнаа за тоа како да се заштити трансатлантскиот безбедносен пакт и како да се ублажи влијанието на политиката на Трамп за Украина. Но, недоволно, според врвен лобист во Вашингтон, кој претставува некои европски земји. Тој побара да се сокрие неговото име за слободно да зборува.

„Дали луѓето се подготвуваат доволно за можноста за администрација на Трамп? Одговорот е не. Велам дека треба да се подготвиме за ова, бидејќи тој изгледа слаб на многу начини, но  е претпоставениот кандидат“, рече тој.

И покрај обвиненијата што ги поднесе Смит, планирањето за вонредни ситуации треба сериозно да започне, нагласи лобистот, тврдејќи дека планирањето на најлошото сценарио е секогаш разумно.

„Особено кога ќе ги земете предвид сите последици што веројатно би ги виделе со втора администрација на Трамп, која би била многу полоша од првата. Затоа што прашањето е, кој ќе влезе во следната администрација на Трамп? Барем имавте некои многу солидни луѓе кои влегоа првиот пат. Кој ќе се врати по втор пат? Тоа е особено страшно“, додаде тој.

Како лобист тој работи со неколку  републикански конгресмени за подигнување на законодавни огради со кои ќе се ограничи претседателот Трамп да се повлече од НАТО или да ја прекине помошта за Украина.

Но, Далдер верува дека таквото законодавство, дури и ако биде усвоено, може само да го ограничи делумно Трамп.

„Во ред, можете да донесете закон дека не можете да се повлечете од НАТО без одобрение од Сенатот. Проблемот со тоа е што всушност не треба да се повлечете од НАТО за да го уништите“, рече тој.

„И така, навистина не мислам дека има законска поправка за ова. Единствениот начин да се избегне Трамп да го уништи НАТО е Трамп да не стане претседател.Некои од Европејците со кои разговарам велат дека ако се случи најлошото, ќе можат да го издржат претседателството на Трамп како што направија првиот пат“, додаде Далдер. „Но, јас им велам дека свиркаат на гробишта“. (Политико)