Европа има недостиг од дури 400.000 возачи на камиони


Покрај зголемениот недостиг на гас, суровини, пластика, градежна граѓа, чипови и други производи, Европа и светот се погодени од нова невоља што дополнително ја отежнува трговијата и производството и ги зголемува цените.
Станува збор за недостиг на возачи на камиони, поради што нема кој да ги наполни магацините на трговците, и да им ги достави компонентите неопходни за производство на претприемачите. Како резултат на тоа, во европските земји и во САД, некои стоки повремено исчезнуваат од полиците на продавниците, а фабриките бележат застој.
Во моментов недостасуваат повеќе од 400.000 возачи на камиони во Европа, а проблемот се влошува од месец во месец, се вели во алармантниот извештај на Transport Intelligence, објавен пред еден месец.
Меѓу најпогодените е Обединетото Кралство, на кое му недостасуваат околу 100.000 возачи, особено по Брегзит и тешкото пристигнување на странски работници. Трговците на мало очекуваат се повеќе проблеми во снабдувањето, плашејќи се дека нема да можат целосно да ја задоволат зголемената побарувачка на клиентите, особено во пресрет на божиќните празници. Многу ресторани за брза храна не беа во можност да ги добијат сите потребни намирници во последните денови, пишуваат британските медиуми, пренесува SEEbiz.eu.
Во меѓувреме, државите прибегнаа кон привремени решенија. За да се ублажи недостатокот на возачи на камиони, властите во Холандија потпишаа договор со војската за изнајмување на возачите. Властите во Германија и Велика Британија планираат да понудат управување со камиони на воените ветерани, кои во моментов се невработени, според Транспорт интелиџенс.
Имено, потребата за превоз на стоки за време на пандемијата, во споредба со растот на е-трговијата и закрепнувањето на економијата, значително се зголеми. Од друга страна, бројот на достапни возачи – кои просечно ссе на возраст од 55 години во Европа – постојано се намалува. Во исто време, младите не се многу заинтересирани за таа работа бидејќи условите се многу тешки, честопати неподносливи.
На пример, возачот од Белорусија, Александар Масијас (30), кој започна да работи за литванскиот превозник „Балтик Транслајн“ во мај, им се пожали на медиумите дека мора да се откаже од таа работа. По две недели обука, работел и живеел 13 недели во камион со седиште во Холандија, за плата помала од 2.500 евра.
„Тоа не е нормален живот за човечко суштество. Тоа не е работа, туку нешто како затвор. Го правите тоа како да сте зомби“, се пожали Масијас. Колку се мачни работните услови, потврди неодамна Амазон, кој под притисок на јавноста призна дека нивните возачи на камиони, додека возат, поради различни околности, немаат можност да застанат во местата за одмор, па затоа се принудени да уринираат во пластични шишиња. Се чини дека не само возачите на Амазон се изложени на непријатности.


Според Фајненшл тајмс, трговската сезона пред Божиќ ќе биде загрозена, но не само тоа.
„Недостигот на возачи на камиони ќе се пренесе во следната година“, тврди Луис Гомез, претседател на американската компанија XPO Logistics за Европа. Истото го посочува и Transport Intelligence, која дава до знаење дека идната година економијата ќе има уште поголема штета отколку сега. „Недостатокот на возачи достигна критична точка и ќе се влоши, и покрај тоа што се спроведуваат многу стратегии“, проценува куќата.
Решението на проблемот не е на повидок. Минатата година Европската унија го усвои т.н Пакет за мобилност, според кој условите за работа на возачите на камиони треба да се подобрат од средината на февруари следната година. Тие ќе добијат четири дена одмор помеѓу патувањата за работа во една земја и ќе се враќаат дома на секои осум недели при прекуграничен превоз.
Големите камионски превозници тврдат дека недостигот на возачи поради овие нови прописи ќе биде уште полош следната година. Од друга страна, синдикалните претставници на возачите не веруваат дека превозниците ќе ги почитуваат европските регулативи бидејќи за нив нема законска обврска. Притиснати од недостаток, многу превозници низ Европа ги зголемија платите на возачите на камиони. Некои во Британија најавуваат дека ќе ги зголемат тие плати од 3.000 на 5.000 фунти месечно, иако возачите тврдат дека не се работи за пари, туку и за условите за работа.
Најголем недостаток на возачи на камиони во Европската унија е забележан во Полска, на која и недостасуваат 120 илјади или 37 проценти. И Германија е во тешка ситуација со недостиг од 60.000 возачи.
Дури и пред пандемијата, на Франција ѝ недостигаа 40.000, а денес состојбата е уште полоша. Само во САД, бројот на возачи на камиони се намали за речиси 10 проценти оваа година, додека на азиските земји им недостасуваат околу 20 проценти. Бидејќи никој не очекува брзо решение на проблемот, аналитичарите велат дека едно е сигурно: недостигот на возачи на камиони, заедно со голем број други недостатоци, ќе ги зголеми трошоците за превоз на стока, а со тоа и цените во продавниците, пренесува СЕЕбиз.