Европа го блокираше огромниот проект на Орбан и Вучиќ – нема брза пруга Белград-Будимпешта

Индикации дека има проблеми во работата на унгарскиот дел од железницата се појавија есента 2023 година


 

Европа го блокираше големиот проект на Александар Вучиќ и Виктор Орбан, брза пруга меѓу Белград и Будимпешта, пишува „Нова.рс“.

Брзите возови кои веќе ги превезуваат граѓаните на Србија од Белград до Нови Сад, се чини дека уште долго ќе ја немаат Будимпешта како дестинација, без оглед на претходните најави на лидерите на Србија и Унгарија дека за неколку години ова патување трае два и пол час. Додека на оваа делница низ Србија се гради многу, во Унгарија работите се стопирани поради проблемот кинеските изведувачи да ги почитуваат европските градежни стандарди, пишува Нова.рс.

Индикации дека има проблеми во работата на унгарскиот дел од железницата се појавија есента 2023 година, кога унгарските медиуми објавија дека кинеските изведувачи имале проблем со изградба на систем за безбедност и контрола на возот според европски стандарди, а во февруари годинава пристигна информација дека делот во близина на Будимпешта е прекинат.

Унгарскиот новинар Габор Бодиш за „Нова.рс“ објаснува дека на локалната јавност веќе извесно време ѐ е повеќе од јасно дека има сериозни проблеми во изградбата на унгарскиот дел од пругата. Според него, унгарските функционери ретко зборуваат за тоа, но проблемот одвреме навреме го покренуваат економските портали.

Запрени работи во предградијата на Будимпешта

Така, во февруари годинава порталот Дивани објави дека се стопирани работите на пругата кај Будимпешта, поради немање работни дозволи. Дивани го споменува и одговорот што го добиле од Унгарските железници. Оттаму потврдуваат дека горенаведените работи се прекинати некое време, но додаваат дека „генерално, работата на овој проект е во тек“.

Во унгарската јавност веќе подолго време се зборува дека кинеските изведувачи не знаат да направат безбедносен систем по европски стандарди. Имаше информации дека некои германски компании се заинтересирани за таа работа, но дека Кинезите не се согласиле на нивно вклучување. Инаку, кинеските компании кои се одговорни за оваа работа се China Tiejiuju Engineering and Construction и China Railway Electrification Engineering Group, компании поврзани со кинеската државна железница.

Бодиш додава дека Кинезите на оваа работа соработуваат со локалната компанија на Леринц Месарош, еден од најбогатите Унгарци, пријател од детството на Виктор Орбан. Според него, во економските кругови во Унгарија дури се споменува дека Кинезите полека ја напуштаат целата инвестиција.

Веќе беше спомната можноста за отворање алтернативни рути преку железницата во Хрватска и Словенија, пишува Нова.рс.