Европа бележи повеќе невработени: Повеќе од 13 милиони луѓе без работа во мај, особено погодени се луѓето под 25 години

Според податоците на Евростат, во мај во ЕУ имало 13,05 милиони невработени, од кои 10,83 милиони во еврозоната.
Стапката на невработеност во Еврозоната се зголеми во мај 2025 година на 6,3 проценти, што е мало зголемување во споредба со април кога изнесуваше 6,2 проценти, но сепак е пониска отколку во истиот месец минатата година, кога изнесуваше 6,4 проценти. На ниво на целата Европска Унија, невработеноста изнесуваше 5,9 проценти во мај и остана непроменета во споредба со април, додека во споредба со мај 2024 година, се намали за 0,1 процентен поен.
Според податоците на Евростат, во мај 13,05 милиони луѓе биле невработени во ЕУ, од кои 10,83 милиони биле во еврозоната.
Во споредба со претходниот месец, бројот на невработени се зголеми за 48.000 во ЕУ и за 54.000 во Еврозоната. Сепак, во споредба со мај минатата година, бројот на невработени се намали за 23.000 во ЕУ, а за дури 168.000 во Еврозоната.
Невработеноста кај младите останува висока
Младите луѓе сè уште се меѓу најранливите на пазарот на трудот. Во мај, 2,86 милиони млади луѓе под 25 години беа невработени во ЕУ, од кои 2,28 милиони беа во Еврозоната.
Стапката на невработеност кај младите во ЕУ изнесуваше 14,8 проценти, додека во Еврозоната изнесуваше 14,4 проценти. Во споредба со април, невработеноста кај младите се зголеми за 9.000 во ЕУ и за 13.000 во Еврозоната. Во споредба со истиот период минатата година, во ЕУ се зголеми за 3.000, но во Еврозоната имаше намалување од 36.000 млади луѓе без работа.
Помали разлики меѓу половите
Стапката на невработеност кај жените во ЕУ во мај изнесуваше 6,1 процент, додека кај мажите беше 5,7 проценти, што е исто ниво како и во април. Во Еврозоната, невработеноста кај жените остана стабилна на 6,5 проценти, додека кај мажите се зголеми малку од 6,0 на 6,1 процент.
Како Евростат ја мери невработеноста
Податоците на Евростат се базираат на стандардната методологија на Меѓународната организација на трудот (МОТ), според која невработени лица се сметаат за лица на возраст од 15 до 74 години кои:
немаат работа
активно бараат работа во текот на претходните четири недели
и се достапни да започнат со работа во следните две недели.
Стапката на невработеност го претставува уделот на невработените во вкупната работна сила (вработени + невработени).
Податоците за вториот квартал од 2025 година ќе бидат објавени на 12 септември.