Еврокомисијата не се откажува од предлогот за укинување на сезонското сметање на времето

Предлогот за укинување на сезонската промена на времето и натаму е на листата на задачи во Програмата за работа на Европската комисија, изјави портпаролката на ЕК за клима, енергија, домување, животна средина и оданочување Ана-Кајза Итконен.
– Тој е се уште е на листата и е во Парламентот и Советот за расправа. Не сме го повлекле, иако е точно дека помина низ неколку обиди за усвојување во текот на изминатите години, изјави Итконен во одговор на новинарско прашање дали меѓу претходно доставените предлози за усвојување што ги повлекла Еврокомисијата е и иницијативата со која се предлага укинување на практиката за промена на времето на зимско и летно сметање.
Итконен истакна дека тоа е едно од прашањата за кое земјите членки не можат да се усогласат, но дека предлогот останува.
– За две недели останува одново да ги поместиме часовниците за да ги прилагодиме на новото време, додаде Итконен.
Главната портпаролка на Европската комисија, Паула Пињо појасни дека во рамки на својата политика за поедноставување, ЕК решила да ги повлече сите предлози доставени пред најмалку пет години, за кои Европскиот парламент и Советот на ЕУ се уште не постигнале договор за нивно усвојување.
Според Пињо, иако предлогот за укинување на сезонската промена на времето е стар шест години, тој сепак не е меѓу повлечените иницијативи.
Минатата недела полскиот министер за развој Кжиштоф Пашик најави дека Полска во својство на претседавач со Советот на ЕУ, презема конкретни чекори за укинување на практиката за промена на времето на зимско и летно сметање и за воспоставување на единствена временска зона во текот на целата година.
Пашик изјави дека укинувањето на сезонското поместување на стрелките на часовниците претставува „социјално и економско прашање“ и соопшти дека за ова веќе разговарал со еврокомесарот за транспорт и туризам Апостолос Ѕиѕикостас и „го убедил“ да не ја отстранува иницијативата за укинување од Работната програма на Комисијата за 2025 година.
– Поради економските врски, од суштинско значење е да се постигне консензус на сите земји членки на ЕУ за ова прашање, додаде Пашик.
Следната промена на времето ќе се случи во ноќта меѓу 29 и 30 март, кога часовниците во 2 часот ќе се поместат за еден час понапред.