Еврокомесарот за внатрешни работи и миграција на ЕУ утре на разговори во Македонија


Еврокомесарот за внатрешни работи и миграција, Магнус Брунер, ќе допатува утре во  Македонија за да се договори соработка во областите на внатрешните работи, управувањето со миграцијата, безбедноста на границите, борбата против организираниот криминал и владеењето на правото.

Ова е негова трета посета на регионот по посетата на Албанија и Црна Гора претходно овој месец и учеството на министерскиот состанок на Западен Балкан минатиот октомври. Посетата ја нагласува силната посветеност на Европската Унија за продлабочување на соработката со Западен Балкан и за поддршка на земјите во регионот во нивните напори за зајакнување на безбедноста и постигнување напредок на нивниот пат кон европска интеграција.

Комесарот Брунер ќе се сретне со премиерот Христијан Мицкоски, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски и министерот за европски прашања, Беким Сали. Дискусиите ќе се фокусираат на тековниот процес на пристапување на Северна Македонија, а особено на „Поглавје 24“, кое ги опфаќа правдата, слободата и безбедноста, вклучувајќи ја миграцијата, управувањето со границите, азилот, полициската соработка и борбата против организираниот криминал. На состаноците ќе се дискутира и за Системот за влез/излез на ЕУ, голем ИТ систем дизајниран за регистрирање на влезот и излезот на државјани од трети земји што ги преминуваат надворешните граници на Шенген зоната.

Комесарот ќе присуствува и на официјалното потпишување на договорот меѓу Владата на Северна Македонија и Младинските спортски игри „Плазма“, за започнување на Младинските спортски игри во Северна Македонија. Ова се најголемите спортски игри за млади во Европа, со повеќе од 200.000 деца кои учествуваат годишно.