Еврокомесарот Фил Хоган поднесе оставка од морални причини поради Ковид-19


Заплеткан во скандал поради неговото присуство на настан каде не се почитувале препораките за заштита од Ковид-19, еврокомесарот за трговија, Фил Хоган поднесе оставка.

Со заминувањето на Фил Хоган од Европската Комисија, привремено за трговија ќе биде одговорен сегашниот потпретседател на ЕК, Валдис Домпбровскис, изјави претпладнево претседателката Урсула фон дер Лајен.

Таа додаде дека сега очекува од ирската влада да номинира “соодветни кандидати“ за замена на Фил Хоган, еден маж и една жена. Конечната одлука за избор на нов комесар за трговија ќе го направи фон дер Лајен во наредните недели, изјави таа.

Скандалот изби на 19 август кога беше обелоденето дека Хоган присуствувал на гала вечера во Ирска, на која биле присутни повеќе од дозволените осум лица, како што предвидуваат правилата на ирската влада за заштита од Ковид-19.

Во изјава објавена доцна синоќа, Хоган изрази “длабоко жалење“ за неговото однесување.

-Секогаш се обидував да ги почитувам сите правила за Ковид-19 во Ирска и сметав дека ги исполнував сите релевантни здравствени препораки, посебно откако добив потврда за негативен тест на Ковид-19. Уште еднаш длабоко му се извинувам на ирскиот народ за моите грешки за време на мојата посета, напиша еврокомесарот.

Хоган беше номиниран од страна на ирската влада уште за време на претходниот мандат на Европската Комисија, кога ја вршеше функцијата на еврокомесар за земјоделство. Во новата Комисија тој го доби портфолиото трговија, кое игра клучна улога во преговорите за Брегзит.