Евро + сеир


ЛЕЈЛА САБИТ

Музикален народ сме што сака сеир.

Не бива за пеење и за кукање дека имаме пејачи, а немаме песни, дека имаме таленти, а немаме спонзори, дека имаме харизма, а немаме публика, дека немаме пари, ама имаме срце и душа.

Ние сме народ што повеќе наоѓаме маани од доблести, повеќе плукаме, отколку фалиме, повеќе навредуваме, отколку се извинуваме, повеќе озборуваме отколку учиме, повеќе сме кукавици отколку храбри, повеќе копираме отколку што сме оригинални.

Сакаме полесно отколку потешко до врвот, повеќе сакаме врски отколку препораки, функции отколку знаење, живот на висока нога отколку слобода.

Поубаво ни е туѓото отколку своето, твоето отколку моето, вашето отколку нашето, им завидуваме на другите, а ништо не правиме за себе, повеќе сакаме помош отколку иницијатива, фондови отколку заеми.

Не се бориме за пријатели, повеќе имаме непријатели, по цел ден сме на социјалните мрежи, мобилките ги заменија муабетите, сѐ се гледа и ќе се дознае на Фејсбук и на Инстаграм.

Дојде време, животот да ви зависи од лајк и од дислајк, да не знаете што е вистинска а што лажна вест, што е вистинска, а што фотошопирана фотка, секој може да ви напише што сака без никакви последици, да ве слика скришно, не можете да се браните, само да кревате рамења како за сѐ друго во животот и работата.

По лавините реакции во јавноста од политички карактер Васил Гарванлиев останува македонски претставник на Евросонг во Ротердам. Никој не коментира за песната или за финалето, следно на дневен ред е гардеробата.

И во Европа животот не е песна и сѐ се врти околу моќта и парите.

Затоа во мај, ќе седнеме во фотелјите од навика, ќе држиме среќа за нашиот претставник и ќе уживаме во  Обединета Европа, убави песни, и разгледници.

Поголем сеир, здравје!