Еве кој има највисок стандард во ЕУ и каде е Македонија во однос на европскиот просек
Стандардот на граѓаните во Македонија во 2022 година во однос на европскиот просек останал на исто ниво како и една година претходно, односно е на ниво од 51 отсто, покажуваат најновите податоци на Европското статистичко биро, Евростат. Полош сооднос во однос на европскиот просек имаат само Босна и Херцеговина и Албанија, а пред нас се Србија и Црна Гора. И натаму, најлош стандард од земјите членки на ЕУ имаат Бугарите, покажуваат податоците на Евростат.
И во однос на Домашниот бруто-производ (БДП), показателите се слични. Така македонскито БДП е 42 отсто од европскиот просек, и малку заостанува зад ониој на Србија (44 отсто од ЕУ просекот), а е нешто понапред од БДП на Босна и Херцеговина (35 отсто од просечниот во ЕУ) и на Албанија (34 отсто).
Евростат го мери стандардот според реалната, односно фактичката индивидуална потрошувачка по глава на жител (АИЦ) што покажува колку добра и услуги кои всушност потрошиле домаќинствата, без разлика дали се купени и платени од домаќинствата директно или од владата или од непрофитни организации. Фактичката индивидуална потрошувачка по глава на жител може да се смета како показател за материјалната благосостојба на домаќинствата. Во 2022 година, АИЦ по глава на жител изразена во стандардот за куповна моќ (ППС) варира од 67 отсто до 138 отсто од просекот на ЕУ во 27-те земји членки на ЕУ.
И во 2022 година, Луксембург може да се пофали со највисок стандард, изразен со реална индивидуална потрошувачка по жител, 36 отсто повисока од европскиот просек. Сепак, кризата го направи својот данок, бидејќи во 2021 година тие беа 46 отсто над просекот.
Следуваат Германија и Австрија, со потрошувачка околу една петтина повисока од просекот на ЕУ. Најблиску до просекот се Италија, Кипар и Литванија.

Словенија, Шпанија, Португалија, Романија и Малта заостануваат зад просекот од 10 до 15 проценти.
Хрватска е во групата земји со најнизок стандард во 2022 година, изразен со реална лична потрошувачка по жител, што е за 25 отсто пониска отколку во ЕУ. Во 2020 година тој беше за 28 отсто помал.
Најблиску до Хрватска во 2022 година беше Словачка, која заостанува зад просекот за 27 проценти. Во групата спаѓаат и Грција, Унгарија и Естонија, каде потрошувачката била околу 30 отсто под просекот.
Најниско ниво на реална лична потрошувачка по жител и минатата година забележа Бугарија, која беше за една третина пониска од просекот на ЕУ.
Методолошка предност на Луксембург
БДП по глава на жител се движеше од 59 отсто од просекот на ЕУ во Бугарија до 261 отсто во Луксембург.

Бруто домашниот производ (БДП) по глава на жител, како мерка за економската активност, исто така покажа значителни разлики меѓу членките на ЕУ.
Минатата година Луксембург ја потврди својата позиција како земја со највисок БДП по глава на жител, повеќе од два и пол пати повисок од просекот.
Во Евростат потсетуваат на големиот удел на странски работници во работната сила на тоа кнежевство.
„Иако овие работници придонесуваат за создавање на БДП, тие не се вклучени во резидентното население кое се користи за пресметување на БДП по глава на жител.
Луксембург е далеку од просекот на ЕУ во категоријата реална индивидуална потрошувачка бидејќи странските работници ги трошат своите приходи во матичните земји, објаснуваат статистичарите.
Ирска, од друга страна, го потврди второто место со БДП по жител повеќе од двојно од просекот, пресметаа статистичарите.
Во Данска и Холандија беше повисоко за околу една третина, во Австрија за една четвртина, а во Шведска и Белгија за една петтина.
Најблиску до просекот минатата година беа Франција, Малта и Италија. Словенија, Кипар, Чешка, Литванија и Естонија беа околу 10 отсто под просекот.
Полска, Унгарија, Португалија, Романија и Летонија заостануваат зад просекот од 20 до 30 отсто, а Хрватска е исто така во групата со БДП по глава на жител за 27 отсто помал од просекот на ЕУ. Во 2021 година, заостанувањето зад Унијата беше точно 30 проценти.
Убедливо најнизок БДП по глава на жител забележа Бугарија минатата година, 41 отсто помал од просекот на Унијата, покажуваат проценките на Евростат.