Еве како бојкотираа во Црна Гора, маркетите речиси празни
Граѓанската иницијатива „Алтернатива Црна Гора“ денеска повика на бојкот на супермаркетите и продавниците низ целата држава. Организаторите порачаа дека бојкотот не е поврзан со политика, туку е протест против високите цени, кои ги погодуваат сите граѓани.
Според извештаите на РТЦГ, бојкотот започна успешно. Новинарите во Подгорица, Бијело Поле и Рожаје утринава забележале дека продавниците биле речиси празни.
Од „Алтернатива“ потсетија дека слична акција неодамна се спроведе во Хрватска и имаше ефект, додека во Босна и Херцеговина и Северна Македонија се спроведува денеска.
Тие сметаат дека цените се енормно високи и дека водечките трговски синџири преку меѓусебни договори влијаеле на тоа граѓаните да не го почувствуваат зголемувањето на платите и пензиите.
Извршниот одбор на Унијата на слободни синдикати (УССЦГ) ги повика своите членови да се приклучат на бојкотот, како израз на револт против високите цени.
Бојкотот го поддржа и премиерот Милојко Спаиќ, кој ги повика трговците на фер однос кон потрошувачите.
Од друга страна, Стопанската комора на Црна Гора соопшти дека не поддржува никакви бојкоти, нагласувајќи дека тие ја погодуваат економијата, која не е одговорна за овие предизвици.