„Еуромакс рисорсис“ објаснува кои се бугарските фирми акционери, апелира политичарите да не манипулираат


„Еуромакс рисоурсис“ денес апелираше политичарите да не ја користат компанијата во меѓупартиски пресметки и манипулации со полувистини и шпекулации. Во реакцијата до медиумите нагласуваат дека проектот Иловица-Штука може да има сило влијание врз националната економија.

„Станува збор за инвестиција чија реализација може веднаш да започне, а значајно ќе помогне за брзо заздравување на македонската економија по штетата што ја предизвика пандемијата со КОВИД – 19“, велат од компанијата.

Од таму објаснуваат дека проектната компанија за развој и управување со рударскиот комплекс Иловица – Штука, „Еуромакс рисорсис Македонија“ е во 100 процентна сопственост на „Еуромакс рисорсис лимитед“, мајката компанија која е регистрирана во Ванкувер во Канада и котира на престижната Берза за хартии од вредност во Торонто.

За Живко Груевски, одговорен за комуникации и односи со јавноста во „Еуромакс рисорсис“, компанијата има обврска кон своите инвеститори, како и кон акционерите на Берзата во Торонто транспарентно да ги објавува сите информации поврзани со финансиското работење на компанијата, како и нејзините акционери.

„Компанијата ‘Еуромакс рисорсис лимитед’ има диверзифициран меѓународен акционерски капитал што доаѓа од компании од земјите како Канада, САД, Англија, Швајцарија и земји од ЕУ. Сите овие инвеститори го стекнуваат својот удел во компанијата преку финансирање во проектот и очекувањата на сите се дека ова ќе биде проект од светска класа. Односно рудник што ќе биде управуван, организиран и со производство по највисоките стандарди за заштита на животната средина, социјалите аспекти и секако со примена на сите најнови технологии на рударството на 21 век“, изјави Живко Груевски.

Водечки инвеститор во акционерската структура е групацијата „Трафигура“, која својот удел го реализира преку својата финансиска институција „Галена асетс менаџмент“ од Женева, Швајцарија и нејзината ќерка фирма „Галена рисоурс еквитис ЛТД“, каде како партнер – инвеститор се јавува и „Геотецхмин“ од Бугарија. Индустриската групација „Геотецхмин“ е една од најголемите инвестициски и производствени компании во Бугарија со водечка улога во рударството, градежништвото, енергетскиот сектор и заштита на животната средина.

„Трафигура“ е една од најголемите светски компании за трговија, дистрибуција и логистика со енергија, нафтени производи, метали и со минерали. „Трафигура мајнинг груп“ специјализирано се занимава со развивање и управување на рударски комплекси во целиот свет и во моментов управуваат со над 20 рудници.

„Илустрација за големината на ‘Трафигура’ е дека во 2018 година, според официјалните податоци, остварила приходот над 190 милијарди долари. Други значајни инвеститори се Европската банка за обнова и развој, која е поединечно најголемиот институционален инвеститор во РСМ и американската корпорација Ројал Голд, еден од светските лидери во инвестирање и управување со производство и трговија на скапоцени минерали и метали. Овие акционери, односно инвеститори препознаа вредност во проектот, иднина во овој долгорочен капитален проект во Република С. Македонија. Тие искажуваат верба во менаџментот на Еуромакс Ресоурцес и веруваат дека, и покрај застоите, нашата држава е земја во која вреди да се инвестира и која може да реализира ваков голем инвестициски проект“, изјави Груевски.

„’Еуромакс рисорсис’ со реализација на проектот Иловица – Штука во првите две години од изградбата ќе вработи околу 1.000 лица, а потоа во периодот на работа на рудникот ќе вработи 500 лица. Преку соработници и снабдувачи ќе се ангажираат дополнителни 2.700 лица. Досега во проектот се инвестирани повеќе од 50 милиони евра, а за првата фаза на изградба предвидени се околу 340 милиони евра. Инвестицискиот проект се очекува да придонесе за зголемување на бруто домашниот производ за 3% на годишно ниво и да се квалификува во првите ТОП 3 извозни компании од Република Северна Македонија“, се вели во соопштението до медиумите.