ЕУ со грант од 5 милиони евра за фотонапонските електрани „Битола 1“ и „Осломеј 2“
Грант од пет милиони евра ќе добие земјава за реализација на фотонапонските електрани „Битола 1“ и „Осломеј 2“ кои треба да придонесат за успешна енергетската транзиција. Договорот, кој е во вкупна вредност од 25,6 милиони евра, обезбедени преку Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF), финансирана од ЕУ, денес во Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини ќе го потпишат Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и АД ЕСМ.
Фотоволтаиците ќе бидат инсталирани во двете електрани до 30 септември 2025 година за да се обезбеди комбиниран капацитет од 30 мегавати, од кои 20 мегавати за „Битола 1“ и десет мегавати за „Осломеј 2“. Двете соларни електрани се очекува да произведат 50 гигават часови електрична енергија, што одговара на потребите од енергија на 8.500 домаќинства и со кои емисиите на јаглероден диоксид би се намалиле за 34.000 тони годишно.
„Битола 1“ и „Осломеј 2“ директно ќе се осврнат на импликациите на нееднаквоста од транзицијата кон зелена енергија и ќе ги дефинираат можностите за повторно вработување и преквалификување на поширокиот регионален пазар на труд за преквалификација на локалната работна сила.
На потпишувањето на договорот за грант ќе присуствуваат амбасадорот на ЕУ, Михалис Рокас, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, претставникот на Европската банка за обнова и развој, Фатих Туркменоглу, министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска, генералниот директор на АД ЕСМ, Лазо Узунчев и Евгенија Кирковска, раководител на секторот за координација на ЕУ-фондови и друга странска помош од Министерството за Европски прашања.
До денес, Северна Македонија доби грантови во вредност од околу 215 милиони евра во рамките на WBIF и за техничка поддршка и за инфраструктурни инвестиции во енергетскиот сектор. Од нив, 38 милиони евра се однесуваат на фотоволтаици, ветерници и рехабилитација на хидроцентрали.