ЕУ сака да воведе царини за евтини стоки купени преку „Алиекспрес“, „Шејн“…


Европската унија размислува за воведување царини за евтини стоки купени преку кинески онлајн платформи како „Тему“, „Шејн“ и „Алиекспрес“, објави денес „Фајненшел“, повикувајќи се на три анонимни информирани извори.

Според сегашните регулативи на ЕУ, пакетите купени преку Интернет од земји кои не се членки на ЕУ не подлежат на царина доколку нивната вредност е под 150 евра, а Европската комисија ќе предложи да се укине тој праг подоцна овој месец, според истите извори.

Европската комисија посочи дека минатата година од странство во ЕУ пристигнале две милијарди пакети вредни помалку од 150 евра и додаде дека овој обем на онлајн трговија ги тестира границите и можностите на царината.

ЕУ разговараше за укинување на ограничувањата како дел од проектот за реформа на тарифите предложен од Комисијата во мај 2023 година, но сега може да се обиде да го забрза неговото усвојување за да се спротивстави на поплавата од евтин увоз.

Критичарите на кинеските компании „Тему“ и „Шејн“ во САД тврдат дека овие компании ги користат придобивките од даночните ослободувања за да ја поткопаат конкуренцијата и да ги избегнат царините, пренесува Ројтерс.