ЕУ празнично го осветли Дебар маало во чест на Горан Стефановски


Во чест на 70-годишнината од раѓањето на Горан Стефановски синоќа беше осветлен и украсен делот во паркот околу неговото бронзено спомен-обележје во Дебар Маало, во организација на Делегацијата на Европската Унија и Европска куќа Скопје.

Паркот со клупата на Горан беше симболично празнично осветлен, и украсен со лампиони со цитат од Горан, преведен на сите јазици на ЕУ. Паркот покрај ЛЕД и соларните сијалички беше украсен со рачно изработени сувенири од природни материјали и на секој од нив имаше  испишан цитат на Горан Стефановски, на сите европски јазици.

Стефановски е роден на 27 април 1952, а почина на 27 ноември 2018 на 66 години. Споменикот е поставен во неговото омилено Дебар Маало, во триаголниот парк спроти кафеаните „Наџак“ и „Идадија“. На 27 април 2019 во негова чест беше засаден чинар на тоа место.

На настанот пригодна реч одржа амбасадорот на ЕУ, Дејвид Гир, како и македонскиот книжевник Иван Антоновски.


– Ги украсивме елките околу клупата на која седи Горан за да нѐ осветли неговата „искра што се измолкнува“. За да нѐ потсети дека „сѐ се движи. Птиците и јагулите, заедниците и поединците, атомите, молекулите. Постои миграција, во простор и време, ширење и мешање и повторно мешање на култури и форми и идеи. Тоа е суштинско нешто: метаморфоза, трансформација, спогодување и адаптација. Тоа е животот!“ – напишаа на фејсбук од Европска куќа во Скопје.

Фото: Европска куќа во Скопје