Грчкиот дипломат Михалис Рокас ќе биде амбасадор на ЕУ во Скопје


Михалис Рокас

 

Шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, одлучи да назначи неколку нови амбасадори или специјални претставници на ЕУ во Западен Балкан, соопшти Радио Слободна Европа (РСЕ).

Според списокот, кој генералниот секретар на Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС) Стефано Санино го испрати до земјите членки на Унијата, нов амбасадор на ЕУ во Македонија ќе биде грчкиот дипломат Михалис Рокас, поранешен амбасадор на Унијата во Малезија и Нов Зеланд. Рокас е прилично искусен дипломат, во Европската служба за надворешни работи е цели 30 години – од 1994.

На списокот на именувани амбасадори и специјални претставници, до кои пристап имаше РСЕ, го нема името на наследникот на специјалниот претставник за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, за кој неодамна имаше информација дека ќе стане амбасадор на ЕУ во Швајцарија.

Името на новиот специјален претставник на ЕУ за дијалогот меѓу Белград и Приштина нема да се знае пред формирањето на новата Европска комисија по јунските избори за Европскиот парламент. Таа одлука ќе ја донесе ЕЕАС во соработка со земјите членки, најверојатно не пред крајот на летото.

Според списокот на именувани амбасадори и специјални претставници мандатот му престанува на шефот на Канцеларијата на ЕУ во Косово, Томас Шунјог, кој е и специјален претставник за Косово. На негово место ќе дојде амбасадорот на Естонија во ЕУ, Аиво Орав, кој претходно беше шеф на делегациите на ЕУ во Македонија и Црна Гора.

Италијанскиот дипломат Луиџи Сорека ќе биде шеф на Делегацијата на ЕУ во Сараево, кој има и статус на специјален претставник на ЕУ за Косово. Сорека е поранешен амбасадор на ЕУ во Албанија.

Сорека ќе го наследи Јохан Сатлер, кој ќе стане амбасадор на ЕУ во Црна Гора.

Генералниот директор на ЕЕАС за Европа, Анџелина Ајхорст е назначена за амбасадор на ЕУ во Египет.

Огромното мнозинство од назначените се или дипломати на земјите-членки на ЕУ или претставници на ЕЕАС.