ЕУ ќе учествува со уште 500 милиони евра во Ковакс иницијативата
Европската инвестициска банка (ЕИБ) и Европската Комисија (ЕК) заедно ќе придонесат со 500 милиони евра во иницијативата Ковакс, чија цел е да им помогне на посиромашните земји во светот да добијат вакцини, јави дописничката на МИА од Брисел.
ЕИБ денеска одобри 400 милиони евра за Ковакс, а Европската Комисија грант од 100 милиони евра за оваа иницијатива.
Ковакс треба да им помогне на 92 земји во светот со низок и среден приход да набават вакцини против Ковид-19, во овие земји се наоѓа и Северна Македонија.
-Овие витални фондови од Европската Комисија и Европската инвестициска банка ќе обезбедат земјите со низок приход да не бидат оставени на страна кога ќе биде достапна безбедна и ефикасна вакцина против Ковид-19, изјави Сет Беркли, директорот на Алијансата за вакцини, ГАВИ.
Со овие дополнителни фондови ЕУ станува најголемиот донатор на Ковакс, со вкупно 850 милиони евра поддршка, изјави претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен.
Вакцините треба приоритетно да бидат достапни за медицинскиот персонал и за најранливите групи во населението.