ЕУ ја одложи забраната за продажба на возила на бензин и дизел по 2035 година


Фото: Б. Грданоски

Гласањето на земјите од Европската Унија за законот со кој се става крај на продажбата на нови автомобили со внатрешно согорување, односно продажбата на автомобили на бензин и дизел до 2035 година, е одложено бидејќи Германија и Италија се против таквото решение.

Како што пишува Reuters, бидејќи не е одреден нов датум за гласање на иницијативата, портпаролот на шведската влада, која претседава со ЕУ, изјави дека амбасадорите на земјите-членки ќе се вратат на темата „во некое догледно време“.

Потсетуваме дека по неколкумесечни преговори, Европскиот парламент и Европската комисија се согласија на закон со кој ќе се бара сите нови автомобили продадени во ЕУ од 2035 година да имаат нула емисија на јаглерод диоксид, односно продажба на автомобили со мотори со внатрешно согорување би биле забранети од тој датум.

Критиките за ваквото законско решение стигнаа најпрво од Германија, по што и Италија се побуни против законот, бидејќи од две земји со силни автомобилски индустрии сметаат дека определениот рок е премногу амбициозен и предвремен.