ЕУ има нов план за Балканот

Новиот план ќе се заснова на четири столба, објави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во Братислава


Урсула фон дер Лајен на форумот во Братислава

 

Брисел има нов план за Западен Балкан чија главна цел е да го приближи регионот до Европската унија уште пред да влезе во полноправното членство. Новиот план, кој ќе се заснова на четири столба, го објави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во своето обраќање на форумот Глобсек во Братислава.

„Денеска сакам да презентирам нова иницијатива, тоа е нов план за раст на Западен Балкан. Сакаме уште денес да им донесеме дел од придобивките од членството во ЕУ на луѓето од Западен Балкан. Планот за раст што го предлагаме денес е изграден на четири столба. Прво, за приближување на Западен Балкан до единствениот пазар на ЕУ. Второ, длабока и регионална економска интеграција. Трето, да се разјаснат фундаменталните реформи и четврто да се зголемат претпристапните средства. До одреден степен, ова е нов пристап за Европската унија: ние не бараме само од нашите партнери да преземат нови чекори кон нас, туку и ние правиме голем чекор кон нив. Нашата заедничка цел е да го забрзаме нивното патување кон ЕУ. И затоа ја приближуваме нашата Унија до Западен Балкан“, истакна Фон дер Лајен.

Таа детално ги претстави овие четири точки:

„За сите земји кои се приклучија на ЕУ во последните две децении, пристапот до единствениот пазар беше главниот двигател на економскиот раст. Но, земјите кои веќе цврсто одат на патот кон ЕУ, исто така, треба да имаат корист од нашиот единствен пазар. На пример, Западен Балкан може да се приклучи на нашиот единствен дигитален пазар во области како што се е-трговија или сајбер безбедност. Би можеле да ја олесниме нашата трговија со стоки и плаќања. Сакам нашиот единствен пазар да биде двигател на промени, не само за земјите кои веќе се приклучија на семејството, туку и за оние кои сè уште се на пат“, потенцираше Фон дер Лајен.

Според неа, оваа поблиска поврзаност со единствениот пазар треба да оди рака под рака со заеднички регионален пазар.

„Заедничкиот регионален пазар е од клучно значење за отклучување на економскиот потенцијал на регионот. Од клучно значење е Западен Балкан да се направи поатрактивно место за европските инвеститори. И, доколку се заснова на правилата и стандардите на ЕУ, овој заеднички регионален пазар може да помогне и за забрзување на пристапувањето во нашата Унија. Сакаме однапред да му понудиме на Западен Балкан некои од предностите на членството. Но, тоа значи дека одредени барања за членство исто така треба однапред да се исполнат. Некои од реформите кои се дел од процесот на пристапување се клучни за довербата на инвеститорите. Размислете за градење независно и ефикасно судство, обезбедување здрави јавни набавки и засилување на борбата против корупцијата. Или размислете за енергетскиот пазар. Регионот на Западен Балкан има огромен потенцијал да се диверзифицира од руските фосилни горива. Но, треба да ја зголеми енергетската ефикасност, да ја засили диверзификацијата и да го забрза распоредувањето на повеќе обновливи извори. Западен Балкан може да ги постигне и двете: енергетска независност од Русија и поблиско усогласување со Европската унија за да го забрза пристапот“, рече шефицата на европската влада во обраќањето за Западен Балкан.

И нејзината последна поента: „Ние сме подготвени да го поддржиме Западен Балкан со зголемено претпристапно финансирање. Постои огромна потреба од инвестиции во Западен Балкан. Овие инвестиции ќе го подобрат животот на луѓето. И тие исто така ќе го олеснат патот кон нашата Унија. Поради оваа причина, треба да ги зголемиме ресурсите посветени на Западен Балкан“.

На Форумот, учествуваат шефови на држави и влади од Европа и светот, како и претставници на најзначајните и највлијателни меѓународни организации. Во фокус на дискусиите на претстојниот Форум се три теми – натамошната поддршка за Украина, отпорноста на Европа наспроти војната, како и ублажувањето на глобалните последици од конфликтот преку зајакнување на економските и енергетските врски.

Безбедносниот форум Глобсек е етаблиран како најистакната платформа низ регионот на Централна и Источна Европа (ЦИЕ). Овогодишното, 18-то издание на Форумот, има за цел да потсети светот дека овој регион никогаш не бил поклучен во обезбедување на глобалната стабилност.