ЕУ им даде 24 часа на Унгарија и Полска да го тргнат ветото, но тоа не го прави со Бугарија
Кога треба да се делат парите од планот на ЕУ за ублажување на последиците од пандемијата од Ковид-19 тогаш Унијата настапува строго и речиси бескомпромисно, но кога треба да се укаже на малтретирањето на една земја-членка кон друга држава кандидат, тогаш се повикува на неопходниот компримис. Унијата ќе започне со подготовка на нов фонд за обнова од кризата со пандемијата без Унгарија и Полска, ако двете земји не го укинат ветото на буџетот на ЕУ до вторник (8 декември) и стимулот договорен минатиот јули во износ од 1,8 билиони евра, рече висок дипломат на ЕУ за Ројтерс.
Подолго време Варшава и Будимпешта се под надзор на ЕУ за поткопување на независноста на судството и медиумите, го блокираат буџетот и фондот и не се согласуваат парите да бидат условени со почитување на владеењето на правото и демократските норми.
„Треба да имаме договор од Унгарија и Полска најдоцна до денес или утре. Ако не го сториме тоа, ќе мора да преминеме на сценариото Б“, изјавил дипломатот на ЕУ за Ројтерс.
Во исто време прашањето за проширувањето на ЕУ и утврдувањето на датумот за преговори со Македонија и Албанија е оставено настрана, затоа што имало поважни работи за решавање и дека претседавачот Германија останала фрустрирана што не успеала да ја убеди Софија да ја тргне блокадата на Македонија.
Доколку двете земји-членки опстојуваат на своето вето, висок претставник на ЕУ минатата недела рече дека тој е „прилично уверен“ дека може да се најде решение и да се спроведе „многу брзо“ за да се „реплицираат ефектите“ на фондот за обновување без нив. Поделбата на парите од фондот за помош ќе биде од голема корист за сите членки на ЕУ, а особено на Полска и Унгарија кои се големи нето корисници на фондовите на Унијата.
Се очекува премиерите на Унгарија и Полска, Виктор Орбан и Матеуш Моравјецки, да го искажат своето вето за време на самитот на ЕУ на 10 и 11 декември, за кога лидерите се очекува да разговараат и за одговорот на пандемијата, односите со Турција и САД, климата и идните односи со Велика Британија, но не и за проширувањето и одредувањето на датумот за првата меѓувладина конференција со Македонија. (Н.В.)