Етна еруптира, исфрла чад и лава во висина од 100 метри


Највисокиот европски вулкан Етна на Сицилија, еруптираше во текот на ноќта и исфрли пепел и лава во висина од 100 метри.

Активноста на вулканот на неговиот југоисточен кратер е регистрирана во неделата во 21.20 часот, а во рок од еден час и половина, интензитетот на експлозиите се засилил од среден до многу голем, пренесува британски „Сан“.

Советодавниот центар за вулканска пепел од Тулуз објави дека од кратерот излегле фонтани со лава високи и до 100 метри, а густата пепел летала во висина и до пет километри, како и дека пепел паднала врз селата и градовите јужно од вулканот.

Исто така, пријавено е дека звуците од вулканот се слушале до Калабрија, како и дека бил регистриран земјотрес со јачина од 2,7 степени на падините на Етна, но не е познато со што е поврзан.

Во минатото, најголемите ерупции на вулканот Етна биле во 12 и 17 век, кога починале 15.000 луѓе, односно кога биле уништени 15 села.