Дигиталниот свет на Естонија: Корупцијата избришана со еден „клик“
Во Естонија можете да добиете секаква услуга онлајн, освен да се разведете. Половина жители гласаат преку компјутер, 98 отсто од компаниите се регистрирани онлајн
(Од нашиот известувач)
ТАЛИН – Ние сме мала земја, немаме ни луѓе, ни ресурси. Половина држава ни e со шума. Тоа што немаме бројка, ја надоместуваме со ум, со образование.
Овие зборови ќе ги слушнете речиси од секого во Естонија, ако ги запрашате зошто инвестираат толку многу во дигитализацијата и прават сѐ да станат најдигитална нација. Бројките се фасцинантни, но објаснувањето зад нив уште повеќе.
„Кога почнавме, пред три децении, населението немаше интернет, ниту пак компјутери. Во земјата имаше голема корупција и недоверба во институциите. Сега сме најдигиталната нација и на 14. место во светот според корупцијата. Сакаме да ја направиме земјата најдобро управувана во светот“, велат од прес-центарот Е-Естонија во Талин.
Како изгледа тоа во реалноста? Од околу милион и 300.000 жители, во Естонија се регистрирани 1.400.000 електронски лични документи. Дури 103.000 се е-резиденти, т.е. сопственици на компании кои решиле да се регистрираат тука, да добијат личен документ, да плаќаат даноци тука, да станат дел од европскиот пазар – а не мораат никогаш ни да стапнат во Естонија. Сѐ што треба е да имаат интернет.
„Многу е студено во Естонија, никој не сака да живее кај нас“, е најчестото објаснување тука зошто естонската влада широко ги отвори вратите за странските граѓани кои сакаат да почнат бизнис преку нивната земја, да станат дел од ЕУ економијата, а да потрошат само три часа за да ја регистрираат компанијата и да добијат електронска лична карта.
„Не ги сакаме криминалците“, порачуваат сепак од прес центарот за дигитализацијата, посочувајќи дека процедурата е лесна и брза, но тие што аплицираат се проверуваат бидејќи владеењето на правото и спречувањето на корупцијата се гледаат како два клучни столба на кои почива целиот успех на дигитализацијата – и на државата.
Според Кармен Раал, советник за дигитална трансформација во прес-центарот, ваквиот начин на работа е егзинстенцијален за Естонија.
„Имаме територија како Данска, а таа има шест милиони жители. Го немаме луксузот да продолжиме да трошиме ресурси на издавање документи на хартија. Немаме ни толку корисници колку што имавме трошоци. Почнавме масовни компјутерски обуки на населението уште од 90-тите, а од 2001 година сите училишта во Естонија беа подготвени за компјутерска настава. Не одевме кон тоа да обезбедиме компјутер за секој ученик, тоа бара повеќе средства, туку компјутерска настава за сите. Осигуравме компјутерските обуки да се достапни буквално за сите, така што денес 91 отсто од граѓаните користат постојано интернет, а 99 отсто од административните услуги се завршуваат онлајн“, вели таа.
Она што е важно притоа е дека сите онлајн услуги се достапни само со еден документ и единствен што им треба покрај него е – пасошот.
Практично, според кажувањата, во Естонија денес можете да добиете секаква услуга онлајн, освен да се разведете. Тоа е единствената услуга за која мора лично да се појавите, иако можете да аплицирате и да се венчате за – две минути! Но, догодина ќе може и тоа. Исто така, за три минути можете да пополните даночна пријава, а 99,6 отсто од сите банкарски трансакции, според податоците, се прават со „клик“ на компјутерите или мобилните. Половина жители на Естонија гласаат преку компјутер на избори, а 98 отсто од компаниите се регистрирани онлајн, 98 отсто од даноците се платени онлајн, а во сличен процент, над 90 отсто, се препишуваат лекови, се добиваат социјални бенефиции, се вадат дипломи, изводи, свидетелства, се плаќаат автобуски карти, паркирање, се проверува имотен лист (не само свој туку и на другите), така се завршуваат нотарските услуги, а речиси сите се служат со електронски потписи. Ако, пак, ви се роди бебе, нема потреба ни да го пријавувате, бидејќи вработените во болницата веднаш го внесуваат во системот, кој пак натаму ќе ве известува за вакцините, за бенефициите, за условите и можностите за градинките, за приемот во училиштата и слично.
Бенефитите од ваквото работење (освен намалувањето на јавната администрација и губењето време кое може да се троши на вистинска работа) е и намалувањето на корупцијата бидејќи никого не морате да молите или да чекате за документ, при што нема шанси некој да влезе во системот и во ваше досие без да остави „дигитален прав“, односно траг.
Со месеци наназад може да проверите кој ви го отворал профилот и дали бил надлежен, кој каква одлука донел, дали имало пропусти или некој направил злоупотреби, при што овде во Талин уверуваа дека токму дигитализација значајно ги редуцирала таквите можности. Практично секој јавен службеник кој влегува во датата на податоци го прави тоа со својот личен код за пристапување.
Проценките притоа се дека поради колективното користење на дигиталните потписи Естонија штеди 2 отсто од бруто домашниот производ годишно, дека заштедила над 2.000 години работно време со дигиталната размена на податоци (преку платформата за размена на отворени податоци наречена X-Road, што овде се нарекува најфрекфентниот „автопат“ во светот), а дека со новите 103.000 е-резиденти од 175 земји заработува 200 милиони евра годишно само од даноци, бидејќи на ваков начин се формирани 25.000 компании што не трошат ништо од инфраструктурата, а носат приходи.
Поради тоа Естонија е на врвот на земји во Европа по бројот на стартапи споредено со бројот на жители и има десет т.н. „еднорог копании“ (стартапи чија вредност е над милијарда евра), меѓу кое Skype и Bold. Тоа го зацврсти имиџот на Естонија како иновативна економија која почива на намалување на бирократијата, јакнење на владеето на правото, значајни инвестиции во инфраструктурата и инвестирање во човечкиот капитал. Веќе е прва во Европа по квалитетот на образованието и трета во светот, а на пазарот е една од најпосакуваните дестинации за бизнис базиран пред се на заење – главно ИТ и технолошко.
Во ЕУ денес Естонија се смета за една од најбрзорастечките економии со високообразовани кадри, во која дури 86 отсто од работоспособните зборуваат странски јазик и каде минималната плата е 725 евра месечно. Во технолошкиот парк во земјата се сместени над 200 високотехнолошки компании, а тука е сместен и центарот на НАТО за сајбер одбрана.
„Веќе имаме дваесетгодишници што не виделе документ на хартија и не знаат друг начин како да функционираат освен онлајн“, вели Кармен Раал. Притоа потенцира дека системот е креиран така што нема удвојување и централизирање на податоците, туку, на пример, податоците за пописот се во датата на институциите што прават е-попис, здравствените податоци исто така во е-здравството, за компаниите во бизнис регистерот и слично, а тие меѓусебно комуницираат.
Естонците практично не мораат да излезат на улица ни за да протестираат бидејќи и за тоа има е-опција. Од државните институции е обезбедена законска регулатива за „Граѓанската иницијатива“ преку која со илјада електронски потписи се покренуваат различни политички или други барања, а досега има 450 такви, меѓу кои и барање за оставка на премиерката Каја Калас поради скандалот со сопругот, за кој се откри дека бил дел од компанија што водела бизнис со Русија.
„Место да одат на улица, пред парламентот, одат на интернет. Ова сепак не е Фејсбук иницијатива, туку законски призната постапка“, велат во прес центарот. Околу гласањето онлајн велат дека тоа сепак не го зголемило одѕивот, бидејќи тие што не гласаат го прават тоа заради политички став а не од некомотност. Пописот не е жешко прашање иако во Естонија има околу 30 проценти население кое зборува руски јазик, бидејќи како што рекоа, можат да се изјаснат и етнички и јазично, а голема е довербата во институциите што ги обработуваат податоците. Главниот проблем, како што посочија, е да се осигура дека тој што ќе го даде гласот на избори онлајн го прави тоа сам, а не во нечие присуство и под влијание.
Притоа, куриозитетно беше информацијата дека на последните избори лани имало речиси 100 набљудувачи од странство, а само една партија од крајната десница која го спори интернет гласањето.
Во бизнис секторот, податоците се исто така целосно транспарентни и секој што ќе влезе во електронскиот регистер на компании со својот личен електронски документ може да го види бројот на вработени, датумот на формирање на компанијата, членовите на бордот, сопствениците, платените даноци, приходите, годишните извештаи… само со внесување на името на фирмата. Може да се проверат и имотите, но во тек е дебата дали не се нарушува правото на приватноста на граѓаните. Дури и полицијата е опремена со мобилна работна станица (дата податоци), а дигитално се следи позицијата и статусот на секој полицаец на терен.
Што ќе се случи ако некој, кажано фигуративно, го исклучи копчето за интернет, односно може ли ваквата целосна дигитализација да биде слабост место предност, ако хакери го нападнат системот? Естонија беше првата земја во светот во 2007 година која се соочи со масивен сајбер напад на приватниот и јавниот сектор, при што најмногу биле загрозени банкарските трансакции со странско и мал дел од електронскиуте услуги. Нивниот совет е земјите да стратуваат со сајбер заштитата од првиот ден на дигитализацијата, односно двата процеса да одат заедно.
Во август минатата година, кога се покрена иницијатива за уривање на советските споменици, биле извршени дури 66 сајбер напади однадвор. Редовно, кога има важни политички изјави или настани, земјата е мета на вакви синхронизирани хакерски упади кои, според оценките во Талин, се и до стопати помасивни од тие во 2007 година. Тоа ја прави Естонија најголема жртва на, како што ги нарекуваат, „хактивисти“ во светот, но велат дека толку се подготвени и организирани, што нападите не успеваат.
Затоа пак, Естонија стана прва и единствена земја во светот (делумно тоа го направи и Украина) која целата своја дигитална база на податоци ја пренесе и ја заштити во странство, односно компјутерски кажано направи „бекап“, за да биде сигурна дека при некој неочекуван силен напад нема да и се парализира државата.
„Помалку не можевме да си дозволиме“, велат во прес-центарот за дигитализација, информирајќи дека сите електронски податоци од Естонија сега се чуваат во Луксембург под највисоко ниво на заштита, бидејќи на соседите не им веруваат. Колку чини тоа наводно не знаеја, но посочија дека во план е податоците да ги заштитат во уште една земја.
„Некои мислеа дека сме луди, но сега почнаа и самите да размислуваат дали треба“, посочија од прес центарот на Е-Државата која сега се подготвува за нов чекор – да стане прва по користење на вештачката интелигенција во работењето и раководењето. Низ естонските градови, според официјалните податоци, веќе има роботи за достава на нарачани производи, а решенија во овој стил се подготвуваат и за транспортот во оддалечените места.
Како куриозитет, меѓу е-резидентите на Естонија има и некои славни личности, како Ангела Меркел и Шинзо Абе, поранешниот германски и јапонски премиер. Естонците, дури и вака дигитализирани, размислуваат како да ја претворат дигитализацијата во „зелена“, односно да го намалат ризикот што таа го носи врз екологијата, иако Естонија сега е меѓу земјите со најчист воздух на светот, шестт по големината на шумата на планетата, во Талин јавниот сообраќај е бесплатен, а низ улиците никогаш нема гужва во сообраќајот.