ЕСМ со најголемо производство на електрична енергија во последните десет години
Вчера АД ЕСМ произведе 21.611 MWh електрична енергија, што е најголемо дневно производство во последните 10 години, соопшти генералниот директор на АД ЕСМ, Васко Ковачевски на заедничката прес конференција со министерот за економија, Крешник Бектеши.
Во моментот АД ЕСМ работи со сите капацитети, и ги задоволува потребите за електрична енергија на домаќинствата, малите потрошувачи и дополнителните снабдувања.
АД ЕСМ на почетокот на годината произведе 40% повеќе електрична енергија споредено со истиот период лани.
„Во периодот од 1 јануари до 8 февруари годинава АД ЕСМ преку капацитетите со кои располага произведе 720.369MWh електрична енергија, што е за 40 отсто повеќе споредено со истиот период во 2022г, а дури 86 отсто повеќе од истиот период во 2021 година. Планот за производство за 2023 година заклучно со вчерашниот ден се исполнува 102,3 отсто.
Позитивните резултати во 2023 година се должат на зголемениот ангажман на вработените во АД ЕСМ и поддршката од Владата и економските ресори, како и зголемениот интензитет на работа на РЕК Битола и ТЕЦ Неготино, и подобрената хидрологија“, рече директорот Ковачевски.
Сите потребни енергенси, јаглен, мазут и гас се набавени, од истите има залихи и има редовни дневни испораки од добавувачите по тековните договори.
„ЕСМ Продажба“, надвор од дополнителните снабдувања на витални институции и субјекти по задолженија од Владата, снабдува и 64 потрошувачи на слободниот пазар по пазарни цени на електричната енергија, но со значајно помала маржа.