ЕСМ ќе тргува со електрична енергија на берзата МЕМО
„Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) склучи договор со Македонската берза на електрична енергија (МЕМО) која официјално стартуваше со работа и ќе има можност да тргува со електрична енергија, соопштија од компанијата.
Со домашната берза раководи Националниот оператор на пазарот за електрична енергија, МЕМО. Проектот е работен над пет години, а официјално заживеа по измените на Законот за енергетика во 2018 година, со што формално беше либерализиран и пазарот на електрична енергија, а законодавството во оваа сфера беше прилагодено на европското.
Со отпочнувањето со работа на берзата ќе се поттикне ефикасна конкуренција во производството, трговијата и снабдувањето со електрична енергија, и ќе се обезбеди оптимална употреба на инфраструктурата за пренос на електрична енергија, се вели во соопштението до медиумите.
Од ЕСМ посочуваат дека берзата на електрична енергија ќе поттикне зголемени инвестиции во производствени капацитети на електрична енергија од обновливи извори, со тоа што инвеститорите ќе имаат организиран пазар, каде ќе можат да ја продаваат произведената енергија, додека на трговците и снабдувачите на електрична енергија, ќе им се овозможи да ги оптимизираат своите портфолија и да го планираат своето работење.