ЕСМ: „Чебрен“ е најголем проект во енергетиката, но не запираме со него
-Хидроцентралата Чебрен беше предизвик години наназад за експертите во енергетиката, архитектурата, градежништвото и предизвик за државата и нејзините чинители задолжени за спроведување на овој голем проект во дело.
АД ЕСМ и управниот одбор на компанијата се горди што во нивни мандат се прави еден сериозен и издржан чекор во правец на реализација на Чебрен. Државата и АД ЕСМ имаат стручна и секаква друга подготвеност за овој исклучителен инсфраструктурен објект да почне да се гради.
Хидроцентралата Чебрен е инвестиција по принципот на јавно-приватно партнерство, во кое ЕСМ ќе биде јавниот партнер во име на државата.Проценетата вредност на инвестицијата е околу една милијарда евра со која е предвидена изградба на реверзибилна хидроцентрала Чебрен, со инсталиран капацитет од најмалку 333 MW. ХЦ Чебрен е предвидено да има функција на производство на електрична енергија, како и режим на пумпање и враќање на водата назад со што на Црна Река ќе се создаде вештачко езеро, кое ќе биде најголемо во нашата држава“, се додава во информацијата.
По завршување на проектирањето и обезбедувањето на потребните документи се очекува да се почне со градба која е предвидена да трае 7 години.
„Чебрен е од исклучително значење за енергетската транзиција на Северна Македонија и регионот, поради можноста за балансирање на обновливите извори на енергија. Воедно ќе има огромно значење и за заштита од поплави, водоснабдување, земјоделие и слично со висина на браната од 192 метри, со што ќе биде една од највисоките во светот. Во контекст на енергетската трансформација и чистите извори на електрична енергија, треба да се каже дека Чебрен ќе ни овозможи во иднина да го намалуваме производството од јаглен, и базната енергија постепено да ја супституираме со производството од оваа голема хидроелектрана.
Идејата и проектирањето за големиот хидроенергетскиот проект Чебрен започнува со првите физибилити студии во 60-тите години. Досега имало 13 неуспешни тендери во период од последните 20 години. Постојниот јавен повик е четиринаесетти обид за доделување концесија на Црна Река. Ова е уште еден во низата големи инвестициски проекти во енергетиката. Иако можеби Чебрен е најголем, ние не запираме тука. Продолжуваме“, велат од ЕСМ.