Ер Франс-КЛМ стекнува 60 отсто удел во САС

Француско-холандската авиокомпанија Ер Франс-КЛМ ќе започне со процесот на купување 60% удел во скандинавската авиокомпанија САС, каде што веќе е најголем акционер, објави француската новинска агенција АФП. Авиокомпанијата планира да го склучи договорот до втората половина на 2026 година.
„Ер Франс-КЛМ има намера да го зголеми својот удел во САС од сегашните 19,9% на 60,5% со стекнување акции што ги поседуваат американската глобална инвестициска фирма Касллејк и данската компанија Линд Инвест“, објави денес француско-холандската групација.
Ер Франс-КЛМ го стекнува својот удел од речиси 20% минатото лето откако скандинавската авиокомпанија беше ослабена од пандемијата Ковид-19. Потоа двете авиокомпании почнаа да ги интегрираат своите центри и мрежи и заеднички да пласираат производи, вклучително и вклучувањето на САС во алијансата СкајТим.
Во меѓувреме, Ер Франс-КЛМ никогаш не ја криеше својата намера да го зголеми својот удел во САС.
„Предвидената трансакција го одразува успешниот пресврт во работењето на САС и позитивните резултати генерирани од комерцијалната соработка започната во 2024 година“, се вели во соопштението на Ер Франс-КЛМ. Се додава дека намерата е да се заврши преземањето на 60% од акциите до втората половина на 2026 година.
Вредноста на предвидената инвестиција ќе се утврди откако ќе се затвори договорот врз основа на најновите финансиски резултати на SAS, додаде компанијата.
Скандинавската авиокомпанија САС оствари приход од 4,1 милијарди евра минатата година и превезе околу 25 милиони патници, додека Ер Франс-КЛМ оствари приход од 31,5 милијарди евра и превезе околу 98 милиони патници.