EqualXChange 2026: Пет години платформа што ги движи бизнис одлуките и лидерството


Во организација на Алијансата за родова еднаквост на работното место (GEA), на 19 мај во хотелот DoubleTree by Hilton, конференцијата ќе ги обедини лидерите од бизнис заедницата околу темата „Money. Mind. Influence.“ и клучните предизвици поврзани со финансиското одлучување, менталната издржливост и влијанието во современото работење.

Алијансата за родова еднаквост на работното место (GEA) ја најавува петтата, јубилејна конференција EqualXChange 2026, која ќе се одржи на 19 мај 2026 година во хотелот DoubleTree by Hilton во Скопје.

EqualXChange е годишна конференција посветена на реалните бизнис-предизвици поврзани со продуктивност, лидерство и управување со човечки капитал. Во изминатите пет години, конференцијата изгради препознатлива и растечка заедница на претприемачи, основачи, извршни директори и менаџери, кои преку дискусии и структурирано вмрежување разменуваат искуства за унапредување на работната средина, носење подобри деловни одлуки и градење конкурентни организации.

Петтото јубилејното издание годинава означува важен исчекор – од инспиративни теми кон подлабоки и порелевантни дискусии, со фокус на долгорочни резултати наместо краткорочни трендови. Централната тема „Money. Mind. Influence.“ ги обединува трите клучни столба на современото работење: инвестиции и финансиско одлучување, ментално здравје и одржливост, како и лидерство, продажба и влијание. Овие сегменти се меѓусебно поврзани и заедно го дефинираат успехот на организациите.

„Со петтото, јубилејно издание, EqualXChange прераснува во платформа што ги отвора клучните прашања за иднината на работата. Темата Money. Mind. Influence. ја отсликува реалноста во која функционираат денешните бизниси, каде финансиските одлуки, менталната издржливост и способноста за влијание се директно поврзани со перформансот на компаниите.“, изјави Марија Ристовска, раководителка на Алијансата за родова еднаквост на работното место.

Конференцијата е наменета за професионалци кои носат одлуки и директно влијаат врз растот на организациите – основачи и ко-основачи, извршни директори, менаџери, лидери во продажба и развој на бизнис, како и HR професионалци. EqualXChange не е само уште една конференција, туку платформа за активна размена на искуства и знаења, градење партнерства и креирање конкретни резултати.

Во време кога бизнис-одлуките стануваат сè покомплексни, а од лидерите се очекува истовремено да испорачуваат резултати и да градат одржливи тимови, EqualXChange 2026 отвора простор за разговори кои директно ги адресираат секојдневните предизвици – од финансиски притисоци и перформанси, до ментално здравје и градење доверба во продажбата.

Целта на конференцијата е да поттикне релевантни разговори и да понуди практични согледувања и решенија кои водат кон поуспешни и поодржливи работни средини, но и кон поуспешни професионалци.

Картите за конференцијата се веќе достапни на официјалната веб-страница: equalxchange.mk.