ЕПП усвои остра резолуција против Албанија за случајот на градоначалникот Фреди Белери

На конгресот на ЕПП беше усвоена итна резолуција во која се тврди дека во Албанија не се почитува владеењето на правото и земјата се оддалечува од ЕУ


ЕПП усвои шест резолуции, од кои една е за градоначалникот Фреди Белери

 

Ретко се случува една толку голема политичка групација како Европската народна партија (ЕПП) да усвои итна резолуција на својот конгрес за еден поединечен случај на едно лице, како што се случи тоа на првиот ден од собирот на народните партии во Букурешт, генерално посветен на усвојувањето на манифестот за европските избори во јуни.

Грчката Нова демократија во ова раководство на ЕПП има извонредно влијание (Танасис Баколас, висок советник на грчкиот премиер, сега е генерален секретар на ЕПП) па конгресот на ЕПП усвои итна резолуција за случајот на затворениот градоначалник на албанскиот приморски град Фреди Белери, кој е од грчкото етничко малцинство. Таа е една од шесте резолуции што ги усвои конгресот на ЕПП.

Во оваа остра резолуција речиси директно се навестува дека ЕПП ќе го блокира натамошното напредување на Албанија кон ЕУ додека не се ослободи Белери, наведувајќи дека неговиот случај бил наместен. На тоа се додава дека владеењето на правото во Албанија е сериозно доведено во прашање. Фреди Белери вчера беше осуден на две години затвор поради „купување гласови“.

Во резолуцијата се наведува дека Фреди Белери бил избран за градоначалник на Химара на 14 мај 2023 година, додека беше во притвор; дека таму бил држен неоправдано осум месеци, дека имало 31 сличен случај и само Белери е единствениот што и понатаму е во притвор. ЕПП тврди дека нему му се суди за „наводно обвинение за купување гласови на 8 гласови за приближно 340 американски долари“.

ЕПП нагласува дека судот не го зел предвид сведочењето на главниот сведок дека е платен од полицијата за да создаде лажно обвинение. И нагласува:

„Ова прашање предизвикува сериозна загриженост за спроведувањето на владеењето на правото во Албанија, правото на правично судење и институционалните основи кои водат кон членство во ЕУ“.

Во резолуцијата уште се наведува дека ЕПП „остро ги осудува дејствијата на албанската влада против избраниот градоначалник од етничкото малцинство и нејзиното директно мешање во изборните постапки, кои се против европските вредности; дека очигледното непочитување на владеењето на правото, основните права, правата на грчкото малцинство и, пред сè, acquis communautaire од страна на албанската влада, создава политички јаз меѓу Албанија и ЕУ“.

За да заклучи дека „занемарувањето на владеењето на правото, основните права и слободата на медиумите, како и распространетата корупција и недостатокот на поделба на власта, го поткопуваат пристапниот пат на Албанија во ЕУ“.

Случајот на Фреди Белери станува веќе сериозен проблем на патот на Албанија кон ЕУ. Премиерот Еди Рама тврди дека Белери одговара за криминал што го направил, а Грција на неколку наврати го блокираше пристапувањето на Албанија. Оваа резолуција на ЕПП дополнително ја влошува албанската европска перспектива, бидејќи групацијата е најсилна во Европскиот парламент, а се очекува така да остане и по европските избори во јуни. (Н.В.)