ЕПП бара барателите на азил да се држат во трети земји, ВМРО-ДПМНЕ се согласиле?
Конзервативците од Европската народна партија, водечката политичка сила во Европскиот парламент, бараат префрлање на барателите на азил во трети земји поради миграцискиот притисок, јавија светските агенции, цитирајќи манифест презентиран денеска на првиот ден од конгресот на Европската народна партија во Букурешт.
Овој предлог означува јасна промена во европската миграциска политика воведена за време на мандатот на водечкиот претставник на Европската народна партија претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен, која аплицира за втор мандат на чело на Европската комисија.
„Ние се залагаме за фундаментална промена во европското законодавство во областа на давањето азил. Сакаме да го воведеме концептот на безбедни трети земји“, се вели во документот на Европската народна партија, за кој треба да се гласа денеска.
„Секое лице кое бара азил во ЕУ би можело да биде префрлено во една од овие земји и таму да ги изврши процедурите за давањето азил. Во случај на позитивен одговор, предметната трета страна ќе обезбеди заштита на лице место“, според претходно склучен „сеопфатен договор“, се додава во документот.На овој начин Европската народна партија усвојува точка од програмата на германската Христијанско-демократска унија (ЦДУ), чиј член е и Фон дер Лајен. 
На Конгресот на конзервативците е и делегација на ВМРО-ДПМНЕ предводена од лидерот Христијан Мицкоски. Учеството тие го најавија со фразата дека во Букурешт одат „во борба за Македонија и за правата на Македонците“. Како и во други прилики кога се усвојуваа одлуки на штета на нашата држава (меѓу другите и за условувањата на Македонија во ЕУ процесот), од ВМРО-ДПМНЕ не стигна информација како гласале за предлогот за азилантите, бидејќи како една од земјите кои може да се препознаат во групата „трети земји“ низ која транзитираат многу имигранти е – и Македонија. Отидени таму да си прават пи-ар за кандидатурата на Гордана Силјановска очигледно не забележале дека има нешто што може да и наштети на Македонија, бидејќи никој овде веќе нема нерви за нови услови или притисоци од Брисел. Иако вртењето на ЕПП кон екстремните десничари е на линија на политиките на ВМРО-ДПМНЕ, тоа не е на линија на интересите на Македонија за евроинтеграција, бидејќи тоа ќе значи рампа за проширувањето.
За планот што беше поддржан денес пишува и „Еуроњуз“ нарекувајќи го „контроверзен аутсорсинг на барања за азил во трети земји“ врз основа на „моделот во Руанда“ смислен од Обединетото Кралство и тој што го потпиша Албанија со Италија неодамна.
ЕПП, во која членуваат европските христијанско-демократски, либерални и конзервативни партии, треба да остане најголемата фракција во Европскиот парламент по гласањето во јуни, а нејзината водечка кандидатка Урсула фон дер Лајен е цврст фаворит за реизбор за претседател на Европската комисија.Но, групата е исто така под зголемен притисок бидејќи има за цел да го врати политичкото тло што брзо го губи од екстремно десничарските предизвикувачи поради продлабочениот економски пад и разочараноста од политичката елита.
Сега се шират шпекулациите дека ЕПП, која со децении формираше „голема коалиција“ со центристичките групи во Европскиот парламент, наместо тоа, би можела да изгради мостови со екстремно десничарски или евроскептични колеги додека гласачите се вртат надесно.
Со оглед на тоа што барањата за азил во ЕУ скокнаа за 18 отсто само минатата година (вкупната бројка е 300.000), една неодамнешна студија сугерира дека гласачите кои стравуваат од „исчезнување на нивната нација и културен идентитет“ поради имиграцијата може да имаат дефинитивен удел во изборниот резултат.
Како одговор, ЕПП сака да го зајакне Фронтекс, граничната агенција на ЕУ, со тројно зголемување на работната сила и зголемување на нејзините овластувања и буџет. Агенцијата во моментов е под истрага од Омбудсманот на ЕУ за нејзината усогласеност со обврските за човекови права.
Манифестот е инспириран и од радикалните мерки усвоени од Обединетото Кралство, чија конзервативна влада вети дека ќе ги „запре чамците“ што превезуваат мигранти од континентална Европа до британските брегови. Текстот го имитира таканаречениот план на владата на Сунак во Руанда за депортирање на барателите на азил во „безбедни трети земји“ каде што, доколку нивните барања бидат успешни,ќе останат, а ЕУ ќе прифати годишна квота на нејзината територија. Оние кои бараат засолниште од Украина нема да бидат предмет на такви квоти. За контроверзниот план на Лондон Европскиот суд за човекови права оцени дека го прекршува меѓународното право.
Италија неодамна одобри сличен, спорен договор со Албанија за обработка на барањата за азил на албанска територија пред да им се дозволи влез на успешните апликанти во Италија. Аранжманот е пофален од самата Фон дер Лајен. Одлуката поддржува понатамошни договори со земјите на потекло и транзит, каде што се вбризгува готовина од ЕУ во замена за построги ограничувања на миграцијата, по моделот на Меморандумот за разбирање со Тунис. Неодамна во Брисел меѓу земјите што се гледаат во овој опис беа споменати и тие што чекаат за членство, меѓу кои е Македонија. (Н.В.)